Ракометарите на Металург имаа многу лош старт на натпреварот со повеќе загубени топки и промашувања, но Барселона не направи голема предност најмногу заради одбраните на Станиќ кој го одржуваше тимот во живот.
До средината на првото полувреме најмногу благодарение на четирите голови на Кире Лазаров, Барселона водеше со +6 (10:4) и од овој момент стартуваше „газењето".
Барселона знаеше како да ја казни секоја грешка на Металург и постигна повеќе голови од брзи контра напади. Домаќините ја зголемуваа предноста од напад во напад и по 22 минути дојдоа до двоцифрена предност (14:4).
Во првото полувреме ракометарите на Металург загубија 11 топки и имаа очајни 23% реализација и беа задржани на само пет гола, па Барселона на паузата замина со предност од 17:5.
Металург ја подобри реализацијата во второто полувреме и постигна повеќе голови. Но во овој дел изостанаа голманските одбрани, а дефанзивата немаше одговор за нападите на Барселона, па домаќините рутински го одржуваа водството.
На крајот Барселона го совлада македонскиот вице-шампион Металург со 35:17.
Нашиот најдобар ракометар, Кире Лазаров го одигра за него најдобриот натпревар во Лигата на шампиони оваа сезона. Капитенот на македонската репрезентација беше најдобар стрелец на натпреварот со девет постигнати гола. Најефикасен во редовите на Металург беше Ренато Вугринец со шест погодоци.