Откако швајцарскиот шампион беше изненаден во првото коло од Лигата на шампиони од Елверум и тоа на домашен терен, Лино Червар сега очекува дека во Скопје ќе сака да се рехабилитира.
„Мало е изненадување што изгубија дома во прво коло и тоа за нас ќе биде уште потежок меч затоа што ќе сакаат да победат. Како што знаете ние имаме млада екипа, за нас работи времето, но колку и да сме млади сакаме да дадеме многу и да победиме, што не е лесно за нас да се победи во ЛШ, со оглед на тоа што имаме 80 проценти многу млади играчи. Треба да покажеме на првиот меч во Скопје дека можеме и дека сме на добар пат да го покажеме дека тоа што го работиме е добро. Би ги пофалил играчите за залагањето, работиме два пати на ден. Ја повикувам публиката да дојде, да не охрабри и да не поддржи“.
Хрватскиот тренер даде куса анализа и за силината на противникот.
„Тие играат 8 години во ЛШ и се најголем авторитет во Швајцарија. Голманот Мариновиќ игра во Катар и е прв голман на Швајцарија, а имаат и други репрезентативци. Тука е и пивотот Кох кој е многу голем и цврст. Од оваа година го имаат унгарскиот репрезентативец, Часар, комплетен играч од кој ќе ни доаѓа најголемата опасност. Тоа е мозокот на екипата кој мора да го сопреме. Ќе биде многу тежок меч но им кажав на момците нема излегување со бело знаме“
Свое мислење за натпреварот од играчите даде капитенот Жарко Пешевски
„Како капитен на оваа екипа можам да кажам дека сме спремни. Атмосферата која владее во оваа млада екипа која работи напорно е одлична. Максимално концентрирано влегуваме во овој натпревар кој многу ни значи бидејќи е прв на домашен терен. Наше е да изиграме и со кренати глави да излеземе на терен, а од публиката очекуваме поддршка“, изјави Пешевски
Натпреварот од второто коло во ЛШ меѓу Металург и Кадетен Шафхаузен се игра в сабота со почеток од 17:30.