Металург за прв пат загуби на својот терен, но навивачите со аплауз ги испратија своите херои во нокаут фазата од Лигата на шампиони, нешто што не му успеало на ниту еден друг македонски клуб претходно.
Првото полувреме им припадна на ракометарите на Металург, но на крајот се покажа дека едно добро полувреме не е доволно за триумф над големиот Хамбург.
Во првиот дел Металург имаше водство и од +4 (10:6), а на паузата заминаа со 14:12.
Гостите ги консолидираа своите редови и го искористија падот на играта на Металург кои не успеаја да постигнат гол цели 10 минути. До крајот Хамбург рутинирано го чуваше водството и триумфираше со 23:25.
РК Металург - ХСВ Хамбург 23:25 (14:12)
РК Металург: Станиќ 13 одбрани, Ангелов, Левов, Димовски 5, Маџовски, Марковиќ 7, Георгиевски 1, Козлина 3, Манасков 2, Стоилов, Миркуловски 1, Маркоски, З.Мојсоски, Н.Мојсовски 4, Јоновски и Алушовски. Седмерци: 3/4. Исклучувања: 2 минути.
ХСВ Хамбург: Битер, Краус 2, Шродер 1, Дувњак 5, Јансен 2, Лацковиќ 1, Флохр, Вори 2, Б.Жил, Г.Жил, Вугринец 2, Линдберг 5, Лијевски 3, Хенс 2 и Бутлер. Седмерци: 2/2. Исклучувања: 8 минути.
Со 12 поени, Металург заврши на третото место во групата Ц и во осминафиналната нокаут фаза за противник ќе добие една од второпласираните екипи од друите групи, а тоа се Загреб, Веспрем или Копенхаген.
Екипата на Копенхаген е последна желба на Металург, а од оваа конкуренција најпосакуван противник е Загреб. Извлекувањето ќе се одржи во вторник во Копенхаген. Првите натпревари ќе се играат на 14/18 март, а реванш средбите се закажани за 21/25 март.