По двата порази од Веспрем и повредите на некои од важните играчи, Вардар против себе ќе има противник кој во минатото коло го совлада фаворитот Рајн Некар.
„Вистина е дека имаме проблеми со повредени играчи, но и оние кои досега играа помалку се квалитетни ракометари, значаен дел се од тимот и верувам дека ќе бидат одлична замена за отсутните во сабота", изјави Тимур Дибиров пред дуелот задутре во 19:00.
Лацковиќ и Столе Стоилов се повредени, додека има можност Горбок да се врати во составот.
„Уште не ми е јасно колку спортска несреќа имавме во двата меча против Веспрем, особено во Скопје, кога моравме да ги добиеме Унгарците", констатираше најдобриот стрелец во Вардар сезонава.
Свесен за големиот значај кој го има дуелот со Целје е и тренерот Раул Гонзалес, кој потврди дека Горбок ќе биде во тимот.
„Играме важен натпревар, на домашен терен, а после поразите од Веспрем, Унгарците се во одлична позиција да го потврдат првото место во групата. На гости ни доаѓа Целје, екипа која што игра во одлична форма, особено после изненадувањето против Некар Ловен во Германија, каде славеа со 5 голови разлика", изјави Раул Гонзалес.
За тоа колку е важно да се биде втор во групата на крајот зборуваше и Матијаж Брумен.
„Едноставно знаеме дека мора да го добиеме овој натпревар и по сè што ни се случи да собереме сили и да го потврдиме второто место. Без оглед на повредите, фаворити сме на овој меч и мислам дека Целје не може да нè изненади во Скопје. Влогот е голем, а ние сме свесни што би ни значеле две победи во следните два меча", констатираше Брумен.
Вардар и Целје играат во сабота од 19:00 во салата „Јане Сандански", а влезниците се по цена од 350 денари.