ЕП 2016 Полска

Манасков јунак, Македонија во следната фаза

Македонските ракометари во последната секунда од мечот против Србија се изборија за реми кое ги води во следната фаза. Манасков херој на мечот со 10 погодоци од кои и последниот за 27:27.

Емоционалното трошење против Полска и храбриот настап против Франција, Македонија го наплати во последниот меч против Србија. Сепак почетокот на мечот против соседите не мирисаше на добро. Капитенот Лазаров промаши пенал, Станиќ му одбрани зицер на Дејан Манасков и Србите фатија налет кој резултираше со 2 гола предност (7-5).

Во ситуација кога на Борко не му одеше на голот, а на Кире во нападот, асот на Обрван на паркетот беше феноменалниот Манасков кој во првиот дел постигна дури 5 голови и беше иницијатор на пресвртот од 12-10 за нашата селекција. Србија набрзо израмни на 12-12, Ненадиќ од пенал ги доведе и на +1, но Ѓеоргиевски во свој стил ги постави на полувреме конечните 13-13.

Резултатската клацкалица гол за гол продолжи и во вториот дел и тоа беше најава за драматична завршница. Станиќ како во најдобрите денови од Металург одбрани два зицери, прво на Прибак, а потоа и на Ѓеоргиевски и Србите од против напади поведоа 21:20 во 38. минута од мечот.

Тензијата се зголеми откако избраниците на Обрван не реализираа две стопроцентни шанси, а од другата страна Петар Ненадиќ со 7/7 беше нерешлива енигма за нашата одбрана. На две минути пред крајот, Вардаровиот играч Мијајло Марсениќ заработи исклучување, по што Лазаров се реши да бие од далечина, а одбиената топка од Станиќ ја прифати Стоилов за гол кој не одржа во игра.

Со играч помалку, на 10 секунди пред крајот Србите реализираа преку поранешниот играч на Металург, Ѓукиќ и поведоа 27-26. На Црвено-жолтите не им преостана ништо друго освен да тргнат во јуриш кон противничкиот гол, противникот делуваше збунет, а Манасков од крило на 2 секунди пред крајот ја запечати судбината на Србија и Македонија сосема заслужено ќе патува во следната фаза.

Најефикасни во нашата селекција беа Манасков со 10, пет голови постигна Ѓеоргиевски а Кире Лазаров запиша четири. Кај Србија, Петар Ненадиќ и Жарко Шешум постигнаа по седум погодоци. Подоцна, Франција и Полска ќе решаваат за првото место во групата.