Спротивно од сите најави дека Словенија ќе има многу повеќе навивачи, нашите ракометари во загрепската Арена имаа и тоа како поголема поддршка. Се ореше „Гоцевата раса“ под сводовите на модерната сала.
Почна нашиот селектор во препознатливата постава со капитенот Лазаров, Борко на голот, Стојанче Стоилов, Манасков и Георгиевски на крилата. Вујовиќ на спротивната страна исто немаше намера да експериментира па стартуваше со проверените ракометари.
Стартот на мечот беше во знакот на Словенците кои во пресрет на дуелот со нашата селекција, од обложувалниците беа прогласени за фаворити.
„Змајчеки“ предводени од Жига Млакар во првите десетина минути стекнаа предност, на моменти и до 2-3 гола позитива, епилог на нашата послаба игра во одбраната и неверојатниот голман Матевж Скок кој имаше 9 одбрани од 20 упатени удари кон неговиот гол.
Како по традиција, капитенот Лазаров го надомести бледиот старт на Манасков и Георгиевски, го решеташе противничкиот гол и не им дозволи на бронзените од Светското во Франција лани, драстично да се одвојат резултатски.
На голот Борко Ристовски не беше на ниво во првите 15-ина минути, па Раул Гонзалес веднаш по тајм-аутот го внесе Митревски на голот и тоа се испостави како одличен потег, затоа што голманот на романска Дорогеа фати неколку зицери и им овозможи на колегите да се вратат на -1 а во последната секунда од првиот дел преку Талески и да израмнат на 11-11.
Избраниците на Раул имаа фуриозен старт на вториот дел, со два гола едно по друго на Дејан Манасков и одлична одбрана на Никола Митревски за ерупција и еуфорија на трибините во Арената.
Македонија поведе 13-11, Словенците брзаа да ја вратат резултатската „клацкалица“ но влегуваа од грешка во грешка. Веќе во 33’ минута „црвено-жолтите“ имаа високи +3 (14-11) а Никола Митревски со 9-та одбрана ги фрустрираше противниците. Набрзо со играч помалку преку Жарко Пешевски отидовме и на најубедливи четири гола предност (15-11).
Вујовиќ се реши за тактика со празен гол, а тоа им дојде како пенал на нашите кои лесно се справуваа со таквиот избор на Словенците. Чуден и контроверзен момент се случи во 35’ минута кога нашата селекција остана преполовена на теренот по исклучувањето на тројца репрезентативци.
Во 44’ минута Миха Заравец го искористи налетот на Словенија која на нашиот мал пад одговори со иста брз ритам, па избраниците на Вујовиќ за прпват во вториот дел го израмнија резултатот. „Зелените“ заиграа и малку погрубо а судиите толерираа таква игра.
Во последните десет минути се влезе во драматичен финиш во кој рецептот за победа го имаа Митревски на голот и Дејан Манасков кој постигна неколку ефектни погодоци од молневити контри. На крајот конечни 25-24 за избраниците на Раул Гонзалес кои заслужено ја слават првата победа на отворање на едно првенство.
Кире Лазаров постигна 7 голови, Манасков 6, Миркуловски два, а по еден дадоа Пешевски, Прибак, Стоилов и Филип Талески. Кај Словенците Жига Млакар беше прв стрелец со четири гола, а по три дадоа Зарабец, Јанц, Цингесар и Благотиншек. Следен противник на Македонија е Црна Гора на 15. јануари во понеделник од 20:30.