Благодарение на одличната игра во одбраната, нашите ракометари го фатија потребниот ритам во Сент Гален вечерва. Домаќините се држеа само седум минути кога на семафорот стоеше 3-3, а веднаш потоа Македонија поведе со убедливи 7-3.
Апсолутна доминација на Борко Ристовски на голот во првиот дел кога забележа дури девет одбрани, а на другиот дел од теренот Влатко Митков и Стојанче Стоилов ја полнеа противничката мрежа. Македонија на полувреме замина со 15-8, предност која им овозможи мирно продолжение на мечот.
Сепак, во второто полувреме влеговме прилично опуштени и цели осум минути не постигнавме гол (од 34. до 42. минута). Швајцарците го искористија тоа и намалија на 17-12, но Стојанче Стоилов повторно нè врати на високи девет плус. До крајот, околу 600 македонски симпатизери со песна ја проследија победата со резултат 26-17.
Капитенот Лазаров иако го почна мечот од клупата, на крајот беше наш најефикасен играч. Кире погоди пет пенали од шест обиди. Влатко Митков и Стоилов постигнаа по четири погодоци, Миркуловски изброи до три, а Борко Ристовски беше играч на мечот со феноменални 15 одбрани.
Со вечешарниот триумф, Македонија сега има пет бодови и е второпласирана, пред Чешка која има ист број на бодови. Токму против Чешка, во недела во Скопје (17.45), црвено-жолтите ќе имаат прилика да удрат печат на пласманот на Европското првенство.
Благодарение на високата победа на Франција над Чешка попладнево, на нашите ракометари им одговара и реми против Чесите во недела, но не со повеќе од 27 голови. Гостите во Скопје најверојатно ќе играат без Филип Јиха и Корак, нивните најдобри ракометари.