Македонските ракометари во Клуж стигнаа со високи +8 по првиот меч од баражот во Скопје, но тоа не ги опушти и одиграа максимално внимателно во Романија каде ги пречекаа тропски темепратури.
Домаќинот, пред полупразната сала „Хорија Демијан“ во Клуж (околу 1.000 и нешто гледачи на температура од 36 степени Целзиусови) имаше неколку водства но ниту еднаш драстично не се одлепи за да ја загрози позитивата на Македонија од првиот дуел.
Нашите ракометари добро стартуваа на реваншот. Борко одбрани зицер а капитенот Лазаров и Манасков од крило донесоа прва предност за момците на Раул Гонзалес.
Селекторот на Романија Чави Пасквал по 15 минути игра свика тајм-аут и тогаш домаќинот како да се подразбуди па постигна 3 гола во серија за прва предност (8-7).
Тогаш реагираше „Ел команданте“ Раул кој на време викна едноминутен одмор за да ги смири нашите ракометари. До крајот од првиот дел Лазаров со својот трет погодок ја прекина „црната серија“ без гол неколку минути на Македонија, па следуваа голови на Манасков и Стоилов за израмнување.
Кога најмалку се очекуваше, со звукот на сирената за крај на првото полувреме Мочану и донесе предност на Романија 12-11.
Разликата во квалитет нашите репрезентативци ја демонстираа на почетокот од вторите 30 минути кога направија неколку одлични акции за убави голови.
Но тоа како да не ги олади Романците кои запнуваа и се надеваа дека можат да направат чудо. Фотаче со два гола по ред и донесе +3 на Романија (16-13) но Кире и другарите брзо се доближија (гол на Лазаров од пенал) за 18-17.
Очекувано, следуваше нова романска офанзива која ја засилија Јонеа и Григорас за 23-20 на девет минути пред крајот на мечот. Брзо направија и 4+ (24-20) но тоа беше се што можеа затоа што нашата одбрана се мобилизираше а романската попушти. Тоа го искористи Манасков кој вечерва постигна 7 гола и беше најзаслужен што загубивме само со 1 гол разлика, 26-25.
Капитенот Лазаров даде шест погодоци а голема работа заврши и Борко Ристовски со девет интервенции по што Македонија обезбеди учество на Светско првенство 2019 во Германија и Данска. Врвна партија кај Романците пружи Григираш кој постигна девет гола а нивниот голман имаше 13 одбрани.
Ждрепката за групите кога ќе ги дознаеме противниците ќе биде на 25 јуни.