Македонија продолжува триумфално

Со победа против Катар од 34:30, ракометната репрезентација на Македонија го доби и вториот натпревар на Светското ракометно првенство во Шпанија. Клучен момент за триумфот на избраниците на Шундовски беше фантастичото прво полувреме во кое постигнаа 21 гол.

Македонија во победнички стил го означува второто коло на светскиот елитен собир во Шпанија. Составот на Шундовски за разлика од првиот меч против Чиле, го поправи впечатокот и во играта и во пристапот и ниту во еден момент не дозволи поголема неизвесност на мечот.

Најголем аплауз македонските ракометари заслужуваат за фантастичната партија во првото полувреме од мечот кога постојано правеа голема предност. По првите 9 минути водевме од 8:3, а со големиот број на искористени контри кои ни недостасуваа против Чиле, во првите 20 минути игра имавме предност од 10 гола разлика.

По 30 минути игра кои ги одигравме без грешка, најубедливи во нападот беа Кире Лазаров со 6 и Дејан Манасков со 5 гола, а во сјајното прво полувреме од голема корист беа и погодоците на Филип Лазараов и Никола Марковски кои стрелаа по два пати.

Вториот дел беше сосема поинаков. И покрај шокот, Катар реши да не се предаде и не дозволуваше серии на македонските репрезентативци како во првиот дел. Кризата на Македонија се почуствува по првите 15 минути кога Катар направи серија од 8:5 и намали на -5, а во тој период недостасуваа головите на нашиот капитен.

Најкритични за нас беа моментите на 10 минути до крајот кога македонските репрезентативци нанижаа повеќе грешки, а најслаб во нашиот табор беше Филип Миркуловски. Катарските ракометари тоа го искористија и дојдоа до најтесната предност од само 2 поени за нашите репрезентативци.

Селекторот Ѕвонко Шундовски го почуствува големиот пад во нашата игра и повика тајм аут. Во периодот од 22 и 27 минута натпреварот практично беше решен. Борко Ристовски направи одлична серија од 3 обдрани по ред (вкупно 11 на мечот), а на 5 минути до крајот имавме преднот од 5 разлика која не беше достижна за нашиот противник.

Играч на мечот беше повторно капитенот Кире Лазаров со 9 гола, додека Мојсоски и Манасков постигаа по 6. По првите две победи на Мундијалот во Шпанија, македонските ракометари речиси ја заверија визата за осминафиналето кое не ни помисливме дека нема да ја обезбедиме. 

Утрешниот ден е слободен за македонската ракометна селекција и одлична можност за подготовка за третата рунда која ни носи посериозен противник во нашата група. Во вторник со почеток во 18 часот силите ќе ги одмериме со репрезентацијата на Исланд.

13 јануари 2013 - 19:57