Ракометот дефинитивно е спорт број еден во Македонија. Доказ за тоа е и последната објава на ЕХФ во која нашата земја заедно со Словенија и Црна Гора е единствен кандидат за организација на континенталниот шампион за жени во 2022 година.
Меѓу другите сериозен кандидат беше Русија, но тие ја повлекоа кандидатурата и сега Македонија има големи шанси да ги собере најдобрите ракометарки за пет години. Нашата земја веќе еднаш беше домаќин на Европско првенство во ракомет за жени и тоа како единствен организатор, во декември 2008. година кога шампион стана Норвешка.
На 15 декември ЕХФ треба да удри печат на аплицирањата а веднаш после Новата година, во јануари треба да биде извршена и првата контрола и инспекција на салите каде што би се играле натпреварите.
Следната важна фаза е во март следната година кога ЕХХ треба да ги одобри апликациите а веќе во јуни на големиот конгрес во Глазгов да ги додели домаќинствата. Најдобрите женски ракометни селекции ќе играат Европско првенство од 4 до 20 ноември 2022 година.
За потсетување, Светското првенство во женски ракомет почнува на 1. декември во Германија од каде организаторите соопштија дека досега се продадени дури 170.000 влезници или 40% од целокупниот контингент карти за второто големо натпреварување во олимпискиот циклус до Токио.
На Светското ќе се одиграат 84 меча.