Погледите на европската ракометна јавност повторно ќе бидат свртени кон првото градско дерби кое втор пат во само 10 дена ќе се одигра во салата „Борис Трајковски" во рамките на најквалитетното клупско ракометно натпреварување. Според капитенот на Вардарци ова ќе биде потежок дуел.
„Во недела не чека потежок дуел против Металург, затоа што ги познавам момците и знам дека сакаат одмазда, но исто така одлично ги познавам и моите другари во клубот и знам дека имаме квалитет за уште една победа. Посакувам да ја повториме играта од првото полувреме од првиот дуел. Со тениски жаргон би рекол дека освоивме брејк, но овој пат треба да го потврдиме", вели Филип Лазаров.
Андон Бошковски повторно смета дека шансите за победа на овој натпревар се подеднакви за двете екипи, а единствениот проблем кој го посочи е повредениот Растворцев кој ќе мора да оди на операција.
„Повторно не чека дерби кое без разлика во кое натпреварување се игра има голема тежина и набој. Само една топка или еден шут може да го реши победникот. Можеби имаме психолошка предност поради победата на првиот дуел и имаме повеќе навивачи, но мислам дека и овој пат шансите за победа се 50/50. Имаме голем респект кон противникот, можеби е ранет лав, но ние ќе дадеме се од себе за да стигнеме до триумф кој би не однел поблиску до осминафиналето", вели тренерот на Вардар.
Бошковски иако вели дека не е добар математичар изјави дека со победа на сите три средби, Вардар ќе стигне до 12 бода кои ќе му ја обезбедат втората позиција, но тој би бил задоволен и со 10 бодови што значи и пласман во следната фаза која е нивната примарна цел.
Големото македонско дерби повторно е прогласено за натпревар на неделата од ЕХФ, а ќе го пренесуваа дваесетина земји во живот. Храмот на ракометот повторно ќе биде исполнет до последното место.