Кјелце преку лудо финале на пенали се искачи на европскиот врв

Веспрем и Кјелце ни донесоа инфаркт финален натпревар во Лигата на шампионите. 23 кратниот унгарски првак можеше лесно да стигне до трофејот уште во регуларните 60 минути, но Пољаците беа дрски и им го срушија сонот во второто полувреме.

Ракометарите на Веспрем на стартот силно се заканија по голот на Пољаците и по 4 минути игра направија водство од 3:0. Резултатот во финалето го отвори Нилсон по што со два погодока се надоврза Палмарсон.
 
Избраниците на Талат Душебаев делуваа неорганизирано на стартот и во 13 минута имаа -4. Тоа беше најголемата разлика во голови во првиот дел која Унгарците ја повторија пет пати.
 
Веспрем имаше контрола над играта и резултатот и беше подобар противник, а Кјелце со нешто подобра игра од стартот максимумот го извади во 25 минута кога успеа да намали на -1. И наместо со мини серијата да стигнат до израмнување и да ни донесат неизвесна ракометна битка, Кјелце во финишот од првиот дел прими три гола во низа. На полувреме 17:13 за Веспрем.
 
По 10 минути игра во второто полувреме изгледаше дека Душебаев не успеал ништо да смени во играта на својот тим кој играше под нивото и кој во 40 минута имаше негатива од 9 голови разлика.
 
Но потоа финалето од релативно неинтересна пресметка во која доминираше еден тим, се претвори во шок за Веспрем чии ракометари како да застанаа да играат. Момент за одбележување на финалето е периодот од 45-та до 56-та минута во кој Кјелце влезе во луда серија од 9:0 и го израмни резултатот на 28:28.
 
 
На Унгарците им паѓаше топката од раце, ветеранот Ласло Наѓ додаде топка во празно, но истиот ракoметар успеа да го прекине постот на Веспрем од 12 минути игра и на 2 минути до крајот да постигне гол за ново водство.
 
Во следниот напад Стрлек промаши пенал за израмнување, но тоа не беше крајот. Топка во завршните 20 секунди од мечот имаа ракометарите на Кјелце, а Душебаев свика тајм аут. Лијевски се крена на шут под жесток фаул од двајца ракометари и на 3 секунди до финишот постигна гол вреден продолженија.
 
Но ниту двете продолженија од по 5 минути не беа доволни да го дознаеме новиот европски првак. Кјелце во нив за прв пат влезе во водство и во последните 20 секунди беше во идентична ситуација како противникот да брани гол предност. Во последниот напад од натпреварот Наѓ на крило го пронајде Угалде Гарсија кој непречен од никого погоди за 35:35.
 
Подобри во пенал серијата беа ракометарите на Кјелце кои стигнаа до својата прва историска титула во Лигата на шампионите.
29 мај 2016 - 20:32