Квалификации за Рио 2016

Картата за Рио остана во Гдањск

„Игравме к’о п**ки. Вака не се бранат боите на Македонија“, изјави Стоилов после мечот во кој Тунис ја победи Македонија 32:26 и најсликовито го објасни дебаклот на македонскиот репрезентативен ракомет вечерва во Полска.

Тргнавме неочекувано лошо вечерва, Тунис искористи три напади преку Хосни и Жалуз, а ние за три минути не дадовме ниту еден гол, како најава за она што ќе следува, страшно бавна игра во одбрана и напад.
 
Капитенот Лазаров го скрши мразот, но со ракометар повеќе (Жалуз исклучен) примивме гол и Тунис водеше со нималку наивни 5-1. Африканците преку Ајмен Хамед, Жалуз и Хосни погодија буквално се што шутнаа кон Борко и ѓаволот ја однесе шегата.
 
Се обидувавме преку Стоилов на пикерската позиција, но тоа не даде посакуван резултат во воведните 8 минути, туку напротив Тунис со играч помалку водеше и со неверојатни 7-1.

Катастрофалните 13 минути ги одбележа и промашениот пенал на Лазаров кој тунискиот голман го одбрани, а на другата страна не помогна ниту смената на голманската позиција кај нас, затоа што Тунис реализираше за 11-3 после 15 минути игра.

Кулминација на очајната игра во првото полувреме беше почетничкиот кикс на Никола Митревски кој во намерата да фрли контра, погоди противнички ракометар во рацете кој ја зема топката и ни даде гол. На полувремето 17-10 за Тунис во сигурно најслабото полувреме во историјата на македонската ракометна репрезентација.
 
Кошмарот од првиот дел продолжи и во вториот. Магаис по вторпат му одбрани пенал на Лазаров, Миркуловски загуби топка во напад, а Стоилов како така го постигна првиот гол за 11-18.

Малку живост во играта внесе Наумче Мојсоски кој со погодок не врати на -5 негатива во 38. минута од мечот, за по долга игра гол за гол, Миркуловски да ги подгрее надежите со гол за -4 на 15 минути пред крајот.

Тунижаните играа вкупно 14 минути со играч помалку, период во кој нашите ракометари дадоа само два гола а примија двојно повеќе. Африканската селекција притоа го изведе првиот седмерец во 54 минута.

На крајот конечни 32:26 и четврти настап на ОИ за Тунис. Кире Лазаров беше најефикасен со осум гола, Борко Ристовски имаше 7 одбрани, Никола Митревски три.

„Се што градевме изминативе пет години наеднаш падна во вода. Извините, но игравме како пички. Вака не се бранат боите на Македонија", целосно разочаран после мечот изјавил Стојанче Стоилов во микс-зоната и заминал во соблекувалната.

Македонските ракометари утре вечер против Чиле ќе го играат последниот меч од квалификацискиот турнир.

Следната голема акција на македонската репрезентација ќе биде во јуни против Чешка, квалификациски двомеч за СП во Франција. Мундијалот се игра во јануари следната година, а Македонија преку Чесите ќе бара нов, петти пласман на Светско првенство.