Во изјава за МРТ веднаш по натпреварот, нашите репрезентативци делуваа трезвено и во глас порачаа дека ништо не сме направиле ако во недела не ја повториме играта од групната фаза.
„Резултатот можеби и не е реален, особено ако се знае дека Австрија не е селекција против која лесно се излегува на крај. Како судено да ни е на секое натпреварување да играме против нив, но и овојпат покажавме дека колективот е нашата најголема предност и заслужено славевме. Одиме на Словенија, селекција која е далеку поквалитетна од вечерашниот противник и против која ќе мора да играме максимално ангажирано на двата дела од теренот“, изјави Наумче Мојсовски, стрелец на три ефектни голови против Австријците.
Свое видување за актуелната состојба имаше и капитенот Кире Лазаров, кој искусно ја спушта топката и вели дека нема да биде лесно во недела.
„Ефикасноста во нападот ја покри бледата игра во одбраната. Не смееме да си дозволиме опуштање во одбраната во ниту еден момент, а вечерва неколку пати дозволивме пад на концентрацијата и примивме 31 гол. Словенците ќе мора да ги задржиме на 24-25 голови ако сакаме поволен разултат. Ме радува што сите играчи кои добија прилика ја искористија на најдобар можен начин. Голови дадоа и играчите кои нешто помалку настапуваа досега. Со Господ напред одиме понатаму и верувам во нов триумф. Како ракометна нација еуфорично ги славиме победите, а трагично ги доживуваме поразите. Веќе размислуваме за следниот противник, не можам да гарантирам дека нашите навивачи нема да се нервираат, но ветувам максимална ангажираност.“, констатираше Лазаров, кој на крајот од мечот со Австрија доби часовник како награда за најдобар играч на средбата.
Нашата репрезентација утре ќе го дознае терминот за осминафиналниот дуел против Словенија. Домаќинот се одлучи натпреварите во 1/8 финалето да се играат од 16:00 и 19:00 часот.