Во третиот град по големина во Унгарија, македонскиот ракометен шампион ја завери визата за Келн и фамозната ЛАНКЕС Арена каде ќе се бори за европското злато, откако вечерва ја одбрани високата предност остварена во Скопје минатата недела.
СЕГЕД - ВАРДАР 29:25 (17-9)
Реваншот во Сегед беше убедливо најтешкиот меч за Вардар сезонава во Европа. После првичното водство на Сегед, по првите 10 минути резултатот беше израмнет (3:3), а говорот на телото на играчите на Вардар нималку не навестуваше што ќе се следува. А следуваше прав потоп.
Словенечкиот репрезентативец Бомбач влезе во неверојатен ритам, домашните навивачи громогласно го следеа секој напад на нивнииот состав и Сегед замина на +5 (11:6). Во тие моменти се стегаше срцето на секој искрен вардарец во земјава и странство.
Целата своја сила која што ја демонстрираше сезонава, Сегед ја покажа пред полувремето кога стигна до страшни 9 гола предност (17:8) и ги анулираше вардаровите +8 од Скопје.
Ваквата ситуација дојде благодарение и на „црните минути“ на Вардарци кои од 20 до 29 минута ниту еднаш не ја затресоа мрежата на Унгарците.
Почетокот на вториот дел значеше и титанска борба на гигантите. Вардарци, веројатно добро отрезнети на пазуата од тренерот Парондо, стегнаа заби и почнаа да реализираат. По 42' минута игра резултатот беше 25-17, се уште ризичен, но Карачиќ и Кристопанс, јунаците од првиот дуел со два убави гола намалија на прифатливи 25-19.
Со две исклучувања Сегед влезе во нервоза, а македонскиот тим ја зграпчи приликата и ја стопи негативата на 25-21, резултат кој им „мафташе“ со карта за Келн.
Овој храбар напор на Вардар како полека да го откажа Сегед од намерата да јуриша кон противничкиот гол, па по двете одбрани на Милосављев, Кристопанс и Скубе дадоа маестрални погодоци за заокружување на серијата од 0-6 и резултат 26-22.
Во самиот финиш се случи еден инцидент и турканица на теренот по исклучувањето на екс-вардарецот Македа, но тензијата кратко траеше.
На крајот Вардар заслужено ги одбрани високите +8 од Скопје и оди на нов Фајнал Фор во Келн каде во 2017 се качи на кровот на Европа.
Прв стрелец кај домашните беше Банхиди, нивниот најдобар играч со седум гола, Бомбач даде шест, а Житников пет. Кај нашиот првак, Карачиќ беше неверојатен со осум гола, Кристопанс пет, а Тимур Дибиров четири.
Покрај Вардар кој трет пат ќе игра за златниот пехар, на Фајнал Фор ќе учествуваат уште и гигантите Веспрем, Барселона и Виве Кјелце.