Европската ракометна јавност, и голем дел од домашната, беа скептици во однос на патот на РК Вардар до Фајнал Форот во Келн, особено што по првата историска титула клубот го напуштија неколку водечки ракометари, а почнаа и финансиските турбуленции.
Вардар јуначки стигна до Фајнл Форот во Келн, а таму ги чекаше никогаш посилната Барселона, спремна да им врати „мило за драго“ за поразот во 2017-та. Откако семафорот покажуваше 16:9 на полувремето, ретки беа оние кои веруваа во чудо. А веруваа Столе и другарите.
Освен Дејан Милосављев кој имаше 13 одбрани и Криштопанс со три гола, сите останати во првиот дел беа изгубени на паркетот.
По паузата од 10 минути, Вардар излезе како феникс на паркетот и со гранитна одбрана почна да ги фрустрира противничките шутери. Особено на 15 минути пред крај македонскиот шампион заигра фуриозно, направи чудесна серија и во 57' минута преку Мораеш израмни на 26:26.
Тогаш веќе психолошката предност беше на страна на Вардар кој овој меч никако не можеше да го изгуби по чудесното враќање. Илјадници навивачи на трибините во Арената во Келн грмеа, а Карачиќ и Криштопанс постигнаа злато вредни голови за 28-26.
Печат на историјата удри Стојанче Стоилов со прекрасен гол за 29:27 и транс меѓу навивачите на Вардар за нова европска титула. За најдобар играч на натпреварот беше прогласен Даинис Криштопанс кој постигна страшни 10 гола од 14 обиди, а огромни заслуги во европската титула имаше и Дејан Милосављев кој запиша дури 18 одбрани.
Во финалето Вардар се судри со Веспрем и после тешка борба стана европски шампион.