Македонските ракометари скапо ја продадоа кожата во квалификацискиот дуел со Франција. Иако црвено-жолтите одиграа квалитетен ракомет во високо темпо, Триколорите вечерва славеа минимално во Скопје 25-27.
Дуелот почна со зицерот на Филип Миркуловски, кој не успеа да го совлада Омејер, а Французите веднаш отворија на другата страна преку ветеранот Гигу. Аце Јоноски успеа да го „скрши мразот“, но гостите веќе водеа 1-4.
Нашите ракометари одлично го искористија исклучувањето на Никола Карабатиќ во 10. минута и две минути им требаше да го израмнат резултатот 5-5. Прецизни во тие моменти беа капитенот Лазаров, Манасков и Филип Миркуловски. Обрван ја стегна одбраната, Ристовски бранеше солидно и Македонија за прв пат стигна до водство 6-5.
Во игра гол за гол, капитенот Лазаров во првиот дел веќе имаше пет погодоци. Французите на полувремето имаа два гола предност (13-15). Вторите 30 минути ги отворивме со головите на Стоилов и Лазаров, но Галските петли веќе влегоа во ритам и за кратко време стекнаа предност од високи 4 голови (15-19).
Храбрата игра на Македонија и овозможи во последните 10 минути да има само два гола негатива, а најзаслужен за таквиот развој на настаните на теренот беше Петар Ангелов, кој фати неколку шутеви од далечина.
Во финишот немавме решение за младиот Нгесан, кој за 19 минути постигна седум гола и ја држеше Франција на пристојно растојание. Кире Лазаров погоди за 25-26 на 180 секунди пред крајот, кога Филип Миркуловски со неколку неспретни реакции им овозможи на Французите да ја одбранат предноста.
На крајот конечни 25-27 за Франција, која веќе со едната нога е на ЕП 2016 година во Полска. Кире Лазаров беше прв стрелец во нашата селекција со осум погодоци, Манасков постигна пет, а Столе Стоилов и Георгиевски броеа до четири. За второто место, нашите репрезентативци ќе се борат со Чешка, која денес ја совлада Швајцарија. Чесите во Скопје гостуваат во јуни, кога веројатно ќе се игра директниот дуел за пласман на Европскиот шампионат.
Македонија и Франција ќе го одиграат реваншот во недела, во градот Тулуз.