Илјадници луѓе од најстаро до најмладо се собра на збирното место, во центарот на Скопје за да го пречека Европскиот првак Вардар. Да, Европскиот првак, назив кој ќе го носи цела една година и следна сезона здравје ќе се обиде да го одбрани.
Со брендиран автобус на кој пишуваше „Шампиони“ јунаците предводени од Раул Гонзалес - Ел Команданте“ од аеродромот „Александар Велики“ се возеа полека по топлото време, се ладеа со шампањско и пиво, за на крајот да стигнат до посакуваната дестинација, на плоштадот во Скопје.
Таму беа оние без кои не се може, верната скопска публика на која и се оствари сонот да го види македонскиот спортски бренд на кровот на Европа. Атмосферата не се опишува со зборови. Кој беше ќе раскажува. Сите оние кои се дел од Вардар еден по еден излегуваа на бината и беа поздравувани од присутните.
На плоштадот можеа да се видат само насмеани лица кои аплаудираа на секој кажан збор на Европските прваци. Возбудени беа и тие, но и покрај големиот број на странци сите кажаа по некој збор на македонски.
Ова се моменти кои ќе останат во историјата на македонскиот спорт и кој ќе им ги раскажуваме на внуците, со надеж дека почесто ќе ни се случуваат. Македонија е дефинитивно ракометна нација и една од трите земји во Европа која има Европски првак и во машка и во женска конкуренција.
Браво шампиони, па нека се повтори.
Дел од изјавите:
Лука Циндриќ
„Ова е историски резултат, сѐ уште не сме свесни што направивме, пресреќни сме, им благодарам на сите за поддршката“, вели Циндриќ.
Иван Чупиќ
„Морам да ви кажам две работи. Првата е дека мојот крал е Вуко Борозан. Втората е дека јас сум Хрват, доаѓам од мала земја, но денеска сум горд што сум Македонец“
Раул Гонзалес
„Сакам да се заблагодарам на сите за вашата голема поддршка, сите треба да бидеме горди. Сакам да им се заблагодарам на моите играчи, сите играа со мозок, со срце. Сакам да му се заблагодарам на нашиот претседател Сергеј Самсоненко, без него немаше да бидеме тука“- вели Раул Гонзалез.
„Ние сме најдобрите! Ветувам дека и следната сезона ќе се вратиме на фајнл-фор турнирот“.
Сергеј Самсоненко
„Здраво Македонијо, да сте сите живи и здрави. На почетокот од сезоната, дојдоа нови играчи, разговарав со Иван Чупиќ и он ми рече „Шефе, ти паметно работиш, ме зема мене за да освоиш Лига на шампиони“
„Пред да одиме на фајнл-фор ме вика Арпад „Сергеј, ај да се договориме да мислат дека одиме како туристи и да освоиме“ и освоивме“.
„Денес кога одевме од аеродром, ги гледам луѓето со солзи радосници, како им се полни срцата. Не можам да зборувам веќе, срцето ми чука надвор од телото. Ви благодарам, ние играме само за вас, фала ви многу“.
Моментот кога шампионите се симнаа од автобус
Најавата за тројцата голмани
Раул Гонзалес на бина
Стојанче Стоилов со пехарот и „We Are The Champions“