Дејан Манасков е нов член на Рајн Некар

Македонскиот репрезентативец Дејан Манасков на својот Фејсбук профил објави дека се враќа во Бундеслигата и ќе игра во Рајн Некар.

Она што се најавуваше минатата недела се оствари денес. Левото крило на македонската репрезентација ги мина медицинските прегледи во Манхајм и официјално го реализираше договорот со Рајн-Некар Левен.
„Пресреќен сум што се враќам назад во Бундеслигата. Секој ракометар сонува да заигра во најсилната лига на светот, а Некар Левен е најдобриот клуб во Германија. Ќе ги стискам палците за мојот нов тим да ја освои титулата во Бундеслигата и летово да му се приклучам на актуелниот првак на Германија“, изјави Манасков веднаш по официјализирање на договорот за клупскиот сајт.
Манасков меѓу „Лавовите“ доаѓа на местото на Стефан Сигурмансон кој сакал да го раскине договорот со клубот со цел да замине во данскиот првак Алборг.
 
Големо задоволство од трансферот на Манасков изрази и тренерот на Некар Левен, Николај Јакобсен.
„Многу сум задоволен што Дејан го одбра Рајн-Некар. Тој е неверојатно голем борец и има големо меѓународно искуство. Ја познава добро Бундеслигата од периодот кога играше во Вецлар, одлично зборува германски и сиугрен сум дека идеално ќе се вклопи во нашиот состав“, заклучи Јакобсен.