Дебакл на Македонија во Краков

Македонската ракометна репрезентација не го положи испитот на зрелоста и се соочи со тежок пораз од 24:34 од моќната селекција на Хрватска. Кире Лазаров го заврши мечот без постигнат гол. На избраниците на Обрван ништо не им одеше од рака.

Македонија лошо влезе во мечот и во првите 3 минути прими 3 гола. Проблем беше креацијата во нападите кои беа бавни и безидејни. До 6 минута Миркуловски направи две пробивања кои Хрватите преку контра ги претворија во голови.
 
Обрван свика тајм аут по кој конечно изградивме акција и чист пат кон голот, кој Лазаров не успеа да го реализира, а Алиовиќ го неутрализираше и неговиот следен удар. Во 9 минута имавме негатива од 1:7 со единствениот гол на Мојсоски.
 
Стоилов и Георгиевски беа ракометарите кои успеаа да врзат два гола во низа, откако Дупјачанец влезе во игра и ја забележа првата интервенција. Следуваше уште еден гол на Георгиевски од 6 метри, а потоа и на Манасков по кој се ослободивме од притисокот, но Хрватите се одржуваа на +5 на средина од првиот дел.
 
Нашите ракометари почнаа да форсираат игра преку пикер и тоа им донесе три пенали по ред кои без грешка ги реализираше Дејан Манасков. Но одбраната не беше на ниво, а Хрватска водството го зголеми на +7.
 
 
Шанса на левата бековска позиција во финишот доби Филип Кузмановски кој одговори со два проектили. На полувреме губевме 13:17. Младиот ракометар на Металург се покажа како одлично освежување во нападот и погоди уште два пати во првите 8 минути од вториот дел, но Хрватите беа доминантни и експлозивни во нападот и преку брза транзиција речиси немаше напад да не реализираат. 
 
Во 45 минута се надзираше дебаклот за нашите ракометари кои беа немоќни и имаа негатива од 10 голови. Обрван им даде шанса на уште неколку ракометари од клупата, а се реши да го поштеди и капитенот.
 
Одморот за нашите ракометари кои одиграа далеку под нивото добро ќе им дојде до следниот меч со Норвешка кој е закажан за во понеделник.