Заврши третата светска одисеја за македонската ракометна селекција. Составот на Шундовски не најде начин како да и се спротистави на силната Германија која влезе како фаворит и не ни дозволи ниту за момент да ја стигнеме резултатски, а камоли да ја изненадиме.
Поразот на Македонија која се прости од светскиот елитен собир во Шпанија како да се надзираше уште на самиот старт, затоа што „Панцирите“ направија серија од 4:0 и најавија триумф за пласман во четвртфиналето. Првиот гол за нашите ракометари стигна преку Филип Миркуловски дури во 7 минута на мечот, а тоа се покажа како задоцнета реакција на одличниот старт на Германците.
Тие имаа постојана предност од 4-5 гола разлика, одлично ја одржуваа со помош на маестралниот Хајнветер кој по првиот дел имаше 9 одбрани, а немоќта на македонските ракометари во нападот ја покажува и статистиката според која имавме очаен удар од поле 37% реализација. Првото полувреме Германците го добија со резултат 13:9.
Во нивна корист стартуваше и вториот дел, а Германија набрзина имаше +6. Слабо беа разигрувани крилата, доказ за тоа е што првиот гол на Дејан Манасков стигна дури во второто полувреме. Најголемата и единствена надеж дека натпреварот не е решен, се покажа во 42 минути. Борко Ристовски одбрани неколку удари, а Македонија направи серија стигнувајќи на -2 (18:16). Манасков промаши зицер од контра и не успеа да направи само еден гол разлика.
Од тој момент Македонија како да немаше сили за уште еден силен притисок. Германците не дозволија повторно пад во играта и за само кратко време ја вратија предноста од 5 гола разлика. На 8 минути до крајот, пропаднаа сите надежи за нашите ракометари, Германија направи предност од 6 гола разлика, а Јоноски доби исклучувње.
Германците рутински ги довршија последните мигови од средбата, а конечниот резултат беше 28:23. Најпрецизен на мечот беше Кире Лазаров со 8 гола, а најслаб натпревар одигра Стојанче Сотилов кој не постигна ниту еден погодок.