Червар: ПСЖ е најсилната екипа во светот

Македонскиот ракометен шампион ја стартува новата европска одисеја во најсилното клупско ракометно натпреварување. Моќните парижани кои го имаат најголемиот буџет во Лигата на шампионите минатата година не поминаа добро во „Борис Трајковски“.

Во реприза на ланското прво коло од ракометната Лига на шампиони, Металурзите в недела на ист датум ќе бидат домаќини на силниот француски противник, кој овој пат ќе го пречекаат како шампион на Македонија кој директно се пласираше во групната фаза.

„Сигурен сум дека ја пратевте ситуацијата во двата клуба. Знам дека е тешко да се признае, но не можам да лажам, тие се апсолутни фаворити. Се засилија со Акамбре, Омејер, а ги имаат Абало, Нарсис и Онрубја. Им недостасува само Карабатиќ за да ја состават репрезентацијата на Франција. Кога ќе ги додадеме Хансен, Вори, Коплјар и Гојун тогаш зборуваме за најсилниот тим во светот“.

Хрватскиот стратег посочи дека во недела е потребна силна одбрана, но не како онаа во Унгарија против Веспрем каде тимот од Автокоманда беше високо поразен во СЕХА лигата.

„За да им се спротивставиме не ни требаат поединечни квалитети, туку тимска и колективна игра. Ако ме прашате како ќе им се спротивставиме, тогаш тоа е со борбеност. Ќе треба да играме силно во одбраната и да ги спречиме во брзата транзиција. Искрено ви кажувам дека ако постигнеме позитивен резултат, тогаш треба да им симнеме капа на овие момци“, изјави Червар.

Капитенот и повратникот во тимот кој поради повреда пропушти поголем дел од минатата сезона, изјави дека гостите овој пат ќе допатуваат на познат терен.

„Сега мислам дека ни ја знаат повеќе играта, а минатата година не беа запознаени ниту со атмосферата. Ние го имаме 80% истиот тим од лани, Лино зема неколку млади играчи и мислам дека ќе треба да ја пружиме најдобрата партија. Мечот нема многу да се разликува од лани и можеби нема да биде убав за око, но најбитно е да ја цениме повеќе топката и да влеземе со смирени глави. Мислам дека резултатот ќе биде тесен до крај“, рече Наумче Мојсоски.

Металурзите сезонава се дел од групата А во друштво на Кил, ПСЖ, Мешков Брест, Загреб и Натурхаус, а в недела ќе бидат ослабени без суспендираниот Ренато Вугринец.

25 септември 2014 - 13:53