По петтото коло од ракометната Лига на шампионите Скопје ќе биде ракометен центар на Европа, а по неизвесните битни во домашното првенство, публиката за прв пат ќе може да ужива во градското дерби кое ќе се игра два пати во „Борис Трајковски" во период од 10 дена.
На денешната прес конференција Червар упати голем број на пофалби за противникот, стратегијата која ја прават за создавање на силен европски тим, како и за поддршката од нивниот поголем број на навивачи.
„Ние го почитуваме Вардар кој е наш противник и градски ривал, но не и непријател како што некој тоа сака да го прикаже. Ги цениме нивните напори за создавање на голем тим и нивните обиди за создавање инфраструктура. Ги цениме нивните играчи кои имаат спортска култура и знаат што е фер плеј, исто така и „Комитите" кои се во поголем број и кои знаат како се навива. Се работи за спортски бренд во Македонија, за разлика од Металург кој е помлад клуб. Ние немаме војска на навивачи како нив, нашата навивачка група „Пирати" се во помал број, но срцето им чука со тимот", вели Червар.
Хрватскиот стручњак рече дека натпреварот ќе биде една голема борба која не е за слабаци и за играчи кои сакаат да се прошетаат на теренот, туку за ентузијасти и големи борци кои треба да се жртвуваат за тимот. Еден од нив треба да биде и Дејан Манасков.
„Знаеме што значат дерби дуелите со Вардар. Тие направија еден силен тим, а нас ни престои тежок меч пред кој имаме проблеми со повредени играчи. Се надеваме дека во следните два дена ќе се подготвивме уште подобро, а од мое име и од име на тимот можам да ветам дека ќе се го оставиме срцето на терен", изјави крилото на Металург.
Червар не бара алиби за големиот број на повредени играчи, но рече дека не му е лесно што не може да смета на сите негови ракометари. Филип Миркуловски и Никола Марковски се сигурно аут за првата пресметка, а неизвесен е настапот на Велко Маркоски, Јоноски, Атман и Нелоски кои беа на тридневна терапија во Словенија.