Бразилките беа подобри на стартот и поведоа со 3:1, но потоа домаќинките влегоа во серија од 3:0 и со тоа стигнаа до минимална предност.
Во последните 10 минути од првото полувреме Србија имаше проблеми во нападот, а Бразил тоа го искористи и со серија од 5:0 направи предност по првиот дел од 13:11.
Ракометарките на Бразил го одржуваа водството и во второто полувреме, а неизвесноста се врати на 5 минути до крајот кога резултатот беше 19:19.
Сепак Србија не успеа да направи пресврт во финишот, а Бразилките подобро се снајдоа и на крајот славеа со 22:20 за прва титула на 21 Светско женско ракометно првенство.
Најпрецизна ракометарка беше Александра Насименто со шест гола, додека од поразениот тим Цвијич постигна пет.
Поранешната ракометарка на Кометал Ѓорче Петро, Едуарда Аморим од Бразил е прогласена за МВП на Мундијалот, додека трите вардарки Андреа Лекиќ, Марина Дмитровиќ и Марија Лојпур ќе мора да се задоволат со сребрениот медал.
Во натпреварот за трето место селекцијата на Данска беше поуспешна од Полска со 30:26.