Тренерот на Металург Лино Червар во пресрет на дуелот со турскиот клуб изјави дека овој меч важи за најважен домашен во сезоната, но тоа како да им одмогна на неговите играчи да се справат со притисокот. Уште од самиот старт натпреварот тргна во погрешен смер за „Металурзите“ па Бешиикташ казнуваше и во првите 9 минути поведе со 1-3.
Единствената светла точка вечерва кај домаќинот беше Јагањац, ракометар кој се издвојува како лидер во четата на Червар. Со неговата игра Металург успеа да израмни, но високиот ритам кратко траеше.
Турците фатија нов налет и по 19 минути водеа со убедливи 5-9. Носен од домашната публика Металург се врати резултатски благодарение и на Вања Илиќ којшто ја заокружи серијата од четири гола па на полувреме се отиде со 14-14.
Во вториот дел повторно имаше резултатска „клацкалица“ и Металург конечно поведе за првпат на мечот. Но водството траеше до 48’ минута кога следуваше драстичен пад во концентрацијата на македонскиот вицепрвак.
Направија еден куп технички грешки а Бешикташ ја искористи пружената прилика па со 4 гола по ред отидоа на највисоки +5 на 6 минути пред крајот. Во финишот најдобриот поединец кај Металург, Јагањац успеа да го ублажи поразот кој на крајот изнесуваше 27-31. Токму Јагањац беше фантастичен вечерва со 9 постигнати гола а по 4 дадоа Кузмановски и Илиќ.
Во составот на Бешикташ водечки стрелци беа Доне и Нуиќ кои дадоа седум гола а голманот на гостите имаше 13 одбрани. Македонскиот репрезентативец Немања Прибак постигна 6 гола за Бешикташ.
Во следното коло Металург дома го пречекува Спортинг Лисабон, во сабота (30.09.2017) од 17:30.