Ремито во првиот меѓусебен дуел на Вардар и стариот познаник Мешков Брестов во СЕХА лигата покажа дека противникот од Белорусија воопшто не е наивна екипа.
Мешков со гол го отвори мечот и не им дозволија на „Црвено-црните“ да го фатат посакуваниот ритам со кој обично резултатски се одлепуваат од противниците. Вардар се мачеше во нападот каде гостинскиот голман Раде Мијатовиќ (поранешен голман на Металург) бранеше одлично. Црногорецот фати девет шута на Вардарци од кои два беа седмерци (Дибиров и Канељас).
Единствена светла точка во офанзивата на домаќинот пред одлично исполнетата сала беше Алекс Душебаев кој од бековската позиција сам го држеше Вардар во живот. Душебаев ги даде првите четири гола за Вардар а во 20. Минута при резултат 7:6 за Мешков, Душебаев имаше пет гола и изнуден пенал.
Но освен него, Раул Гонзалес вечерва во првиот дел немаше расположен ракометар на теренот. Мешков во еден момент поведе со 13:10, а Вардар со крајни сили направи серија од 3:0 и израмни на 13:13, резултат со кој се отиде на одмор.
Со почетокот на второто полувреме Вуко Борозан покажа дека би можел да биде лидер на овој тим на Вардар сезонава. Прво даде гол за израмнување, а потоа првпат го донесе Вардар во водство 15:14 во 32. минута. Црногорецот стрелаше и за позитива од 2+ а Хорхе Македа од полуконтра ја крена публиката на нозе за 3+.
Со головите на Борозан и Иван Чупиќ, Скопјани поведоа со највисоки 5 гола предност (20:15) и победникот на овој меч полека се најавуваше. Добрата одбрана му овозможи на Вардар да стигне и до +6 (22-16).
Во 44. минута поранешниот играч на Металург и Вардар, Павел Атман направи неспортски потег и доби директен црвен картон. Од тој момент Мешков залудно проба да се врати во игра, но одбраната на Вардар за среќа вне беше идентична како од првиот дел. На крајот заслужена победа на Вардарци 31:27.
Играч на мечот беше Алекс Душебаев со девет погодоци, а Вуко Борозан заврши со седум гола на своето конто од кои три на почетокот на вториот дел. Србинот Растко Стојковиќ постигна осум гола за Мешков Брест.
Во следниот натпревар од групата во ЛШ, Вардар ќе му гостува на Целје во Словенија.