Balkan – Handball.com направи листа на ракометари кои ќе бидат само гледачи на Светското ракометно првенство. Шпанија ќе биде без голманот на Вардар, Арпад Штербик кој не успеа да се опорави.
Лук Абало
Славното десно крило на Франција сè уште има проблеми со препоните и тој нема да биде во составот на актуелниот европски шампион. Негова замена ќе биде Валентин Порт кој одигра маестрално Европско првенство и Гиљом Жоли.
Арпад Штербик
Голманот на шпанската ракометна репрезентација е најзаслужен што оваа земја отпатува во Катар како бранител на титулата. Членот на Вардар е можеби најважната алка на „Црвената Фурија“ и неговото отсуство ќе биде огромен хендикеп за тимот на Маноло Каденас. Штербик не успеа да се опорави од повредата на колената, а поради здравствени проблеми ги пропушти и минатите две Европски првенства во Данска и Србија.
Миомир Илиќ
Капитенот на селекцијата на Србија е една од најголеми ѕвезди која нема да биде дел од Мундијалот во Катар. Најдобриот стрелец во Лигата на шампионите за минатата сезона, ја предводеше српската репрезентација на големи натпреварувања, а по сјајните партии во Кил, во ист стил продолжи и во Веспрем.
Марко Вујин
Десниот бек на германскиот првак е најдобар стрелец во Бундеслигата и еден од најзаслужните што Кил ја одбрани титулата минатата сезона. Ако се земат предвид статистичките податоци на српските репрезентативци, отсуството на оваа селекција на Светското првенство е едно од најголемите изненадувања.
Бјарте Мирхол
Еден од најголемите “лавови“ од Рајн Некар нема да биде меѓу учесниците на Мундијалот, бидејќи Норвешка беше послаба од Австрија во баражот. Одличниот пивот последните сезони игра во огромна форма, а во тоа не го спречи ниту повредата. Неговата репрезентација нема доволно играчи на негов ранг за да може да биде дел од големиот спектакл.
Енди Шмид
Неговиот соиграч од Рајн Некар е еден од најдобрите средни бекови во денешно време. Една од алките во играта на германскиот вицепрвак, во моментов го игра најквалитетниот ракомет во кариерата и навистина штета што ракометниот аудиториум ќе нема да може да го гледа во Катар. Шмид настапува за Швајцарија, селекција која е далеку од европската елита.
Ласло Наѓ
Славниот Унгарец и своевремено најдобар десен бек во светот е еден од оние кои најмногу разочараа во последните 10 минути од антологискиот дуел во Велење. Словенија направи голем пресврт и триумфираше во бараж двобојот, иако до последните минути од двата меча, победата на Унгарија беше извесна. Лошата година за Наѓ се заокружи со повредата која ја претрпе во октомври.
Харалд Рајнкинд
Еден од најталентираните левораки играчи во светот и кандидат за најдобар млад ракометар на планетата во 2014-та, предизвика големо внимание на претходното Европско првенство во Данска. На тоа не остана имун ниту Рајн Некар Левен, каде го ангажираа минатото лето. 22 годишниот Норвежанец е еден од најветувачките идни ѕвезди во светскиот ракомет.
Дарко Станиќ
Иако “министерот за одбрана“ во српската репрезентација игра константно квалитетно на голот, тоа не беше доволно вицешампионот од ЕП 2012 да биде дел од СП Катар. Србија во Ниш имаше +8 на првиот дуел против Чешка, но на реваншот доживеа дебакл.
Фин Лемке
Една од најголемите главоболки на селекторот Сигурдсон е отсуството на младиот бек Лемке. 22 годишниот ракометар ја скрши раката во декември и нема да може да и помогне на Германија која со вајлд карта стигна до Мундијалот. Малерозниот Лемке ќе се врати на терен на крајот од февруари или почеток на март. Претходно во септември го повреди коленото.
Бартоломеј Јашка
Сјајниот организатор во играта на полската репрезентација е надвор од терените уште од минатото лето кога мораше да го оперира рамото. Повредата ја влечеше неколку сезони, се до јули кога операцијата беше неизбежна. Јашка поради тоа сезонава не одигра ниту една минута, а љубителите на ракометот се надеваат дека набрзо ќе го видат на терен. Полска без него може да има многу проблеми во играта, бидејќи нема алтернатива на тоа ниво.