Во Бундеслига е хаос со забраната за гледачи на стадиони, Лајпциг добил дозвола

Пред две недели германската канцеларка Ангела Меркел и премиерите на федералните земји донесоа решение да се продолжи забраната за посета на гледачи на натпреварите од Бундеслига минимум до 31 октомври 2020 година. Но работите се менуваат од ден на ден.

Во меѓувреме министерот за здравје на Германија Јенс Шпан, на својот Твитер профил напиша дека Германците треба да бидат претпазлици и непотребно да не го ризикуваат здравјето.

Премиерот на областа Баварија Маркус Зедер ги поддржал колегите, се согласил со нив дека евентуалните гужви на стадионите само ќе наштетат. „Нема смисла да се организира натпреварување со гледачи во септември. Пандемијата не е готова“.

Во истовреме, министерот за внатрешни работи на Германија Хорст Зехофер рекол дека во некој момент ќе пуштат гледачи на стадионите но во ограничен број.

„Ако луѓето во транспорт може да стојат еден до друг и сите се задоволни со тоа, тогаш на стадиони со 80.000 капацитет можно е лесно да се распоредат така, да се запазат сите правила на заштита од вирусот“.

За споредба, во Франција на 7 септември 2020 година имало 4.203 нови заразени, а во Германија 814. На натпреварите од француската Лига 1 веќе има ограничен број на гледачи, до 5.000.

А во исто време со забраната на Меркел имаше неколку интересни моменти:

- На пријателски меч меѓу Унион Берлин и Нирнберг во рамките на подготовките за сезоната 2020/2021 дошле 4.500 навивачи на клубот од Берлин;

- Германскиот фудбалски сојуз (DFB) им дозволил на клубовите индивидуално да се договараат со регионалните органи за здравство и дозволиле ограничен број гледачи на натпреварите од Купот на Германија 2020/2021;

- Лајпциг соопшти дека за неговиот домашен меч против Мајнц на 20 септември ќе може да присуствуваат 8.500 навивачи со сезонски карти.

ДОЗВОЛАТА ЗА ПУШТАЊЕ ГЛЕДАЧИ НА СТАДИОНИТЕ ВО ПРВА И ВТОРА БУНДЕСЛИГА ЌЕ ЗАВИСИ ОД БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ ВО СЕКОЈ РЕГИОН

Зудојче Цајтунг пишува дека во одлуката за забрана на гледачи на стадионите во Бундеслига до 31 октомври нема никакви исклучоци, но факт е дека неколку клубови активно работат да привлечат навивачи уште од првите неколку кола.

Тие клубови се потпираат на добрата епидемиолошка состојба во нивните региони, имаат поддршка од локалните власти и сакаат да ги наполнат домашните трибини со 15%-20% публика.

Согласно германскиот закон за заштита од ширење на инфкеции, главното прашање за дозвола или забрана за гледачи на стадионите и во салите и општо за масовни собири, го решаваат органите за здравство.

Ова значи дека принципот на чесна борба во прва и втора Бундеслига би бил нарушен ако некои клубови од региони со зголемен број на заразени не би смееле да играат пред свои навивачи иако не згрешиле ништо.

Притоа и евентуална дозвола за гледачи на некои стадиони многу би се разликувала од место во место (некаде властите ќе допуштат само 500 луѓе, некаде 10.000).

Во Баден-Виртемберг на пример (таму се Фрајбург и Штутгарт) денес е дозволено до 500 гледачи на стадионите. Во соседна Баварија сите големи натпреварувања се играат пред празни трибини (иако и двете области се најпогодени од вирусот во Германија).

Во Хамбург нема дозвола за гледачи на натпреварите на Хамбург и Сент Паули, но за крајот од септември во овој град би требало да стартува отвореното првенство на Германија во тенис и веќе има карти во продажба за овој турнир (ќе смее по 1.000 луѓе по меч).

На 5 септември Унион Берлин против Нирнбег допуштил 4.500 свои навивачи на стадионот иако според сенатот на Берлин максимален број на присутни на спортски настани во главниот град на Германија е 5.000 луѓе.

Ова го налутило Вердер зошто во Бремен под отворено небо може да има не повеќе од 400 луѓе. 

„Независно од нивото на заразеност во регионите, потребни се единствени правила за сите клубови во Бундеслига. Не треба да се допушти ситуација при која една екипа игра домашни натпревари со навивачи, а друга во тишина“, отворено вели баварскиот премиер Зедер.

ЛАЈПЦИГ ДОБИЛ ДОЗВОЛА ДА ИГРА СО НАВИВАЧИ КОИ ЌЕ МОРА ДА НАПРАВАТ ТЕСТ ПРЕД ДА ВЛЕЗАТ НА СТАДИОН

Ред Бул Лајпциг летово разработил план за делумно полнење на „Ред Бул Арена“ за дуелите од Бундеслига и добил дозвола од локалните власти и министерството за здравство.

Во Лајпциг веќе неколку недели имало нормална епидемиолошка состојба (во просек по 4,1 заразени во една недела на 100.000 жители) а тоа е нивото кое според локалните закони може да дозволи присуство на гледачи.

Лајпциг долго време размислуваше како да ги врати навивачите. Предложија мудар концепт со запазување на сите санитарни норми и Владата на нивната област ги поддржа“, вели премиерот на Саксонија, Михаел Кретчмер.

Во првото коло од сезоната 2020/2021 Лајпциг го пречекува Мајнц на својата арена која има капацитет од 42.000 седечки места, но овојпат ќе има 8.500 навивачи. Секако само ако во следните 2 недели не скокне бројот на заразени.

„Концептот за заштита на гледачите на стадионите од вирусот беше уверлив“, рекле во германскиот фудбалски сојуз.

Градоначалникот на Лапјциг, Буркхард Јонг смета дека клубот многу добро се спремил. „Сфаќаме дека пандемијата не е победена, но таму каде што е можно луѓето треба да имаат право да одат на фудбал“.

Картите за натпреварите на Лајпциг во Бундеслига ќе се делат по сопствениците на сезонски карти (околу 23.000 сезонци има Лајпциг). Од 10 до 13 септември тие ќе треба да аплицираат на официјалниот сајт на клубот. За 5-7 по електронска лотарија ќе се доделат картите. Секој ќе има шанса да гледа некој домашен меч сезонава.

10 септември 2020 - 12:19