Традицијата меѓу Столе и Чкембари не умира

Почнаа со колбаси, па продолжија со линекс, а овој пат со маица. Браво.

Фото: Гол.мк

Навивачите на Еурофарм Пелистер и Столе Стоилов умеат како да го стават скопско-битолското ривалство на пауза, барем за момент.

Им тргна многу добро и тоа вчера го направија по трет пат.

Дел од домашните навивачите во салата Боро Чурлевски носеа маици на кои пишуваше „Битолски бонтон“.

Но, во Битола гостуваше вардаровата легенда Столе Стоилов, па го пречекаа со иста маица, но различен натпис на која пишува „Скопски бонтон“.

Тие му ја подарија, а Столе ја прифати, а моментот беше овековечен со фотографија, полна со насмевки.

Оваа традиција меѓу Чкембари и Стоилов датира од пред три години, кога дербито се падна на 1 мај. И како што налага денот, битолчани го изненадија со колбаси.

Потоа довчерашниот капитен на Вардар, се премести на клупа како помошник на Владо Недановски, но беше отсутен поради вирус.

Навивач на Еурофарм Пелистер на следното дерби го пречекаа со подарок од аптека (линекс) за да му помине побрзо, а тој го зема и прифати да се слика.

Инаку и Столе знаеше да изненади, па на првиот меч во Скопје, пред да ги добие колбасите, отиде во славеничката соблекувална и ги почасти битолчани со гајба пиво.

25 април 2025 - 11:46