Шкотските навивачи имаат култура на гостувања која другите ја немаат

Во неколку дневната програма на квалификациски натпревари кои траат до утре, имаше едно големо изненадување во Казахстан кое и се случи на Шкотска. Без разлика на срамниот резултат, нивните навивачи кои беа два пати и во Скопје, не престануваат со својата мисија која освојува сечие срце.

Познатата Тартан Армија беше на гостување во Казахстан. Не им се погоди ниту времето, ниту резултатот. Во Астана температурата се спушти до -19 степени, а згора на тоа Шкотска како 40-та фудбалска земја во светот се изрезили и загуби 3:0 од 117-та земја на рангот на ФИФА која има само три победи на последните 40 средби.

За среќа не мрзнеа со традиционалните носии на стадион кој беше покриен и каде температурата беше 11 степени.

Но на страна натпреварот и резултатот, шкотските навивачи во Казахстан направија гест по кој долго ќе ги паметат. Околу 20 души посетиле школо со деца кои имаат Аутизам и донирале вкупна сума од 10.000 фунти. Во школото ги пречекале со широко отворени раце, пуштиле музика и направиле заедничка забава.

Ете тоа е Тартан Армија. Навивачката група не е позната само по својата верност и килтовите кои ги носат на секое гостување, туку тие имаат мисија, а тоа е преку разни настани да собираат пари и да ги донираат во секој град каде што гостува нивната репрезентација.

Тие биле разочарани од хулиганскиот статус кои го стекнале навивачите од Велика Британија и за да го подобрат, кон крајот на 70-те го подигнале нивото на организација и почнале да ги посетуваат натпреварите под името „Tartan Army".

Трудот се исплател и резултатите подоцна биле видливи. На ЕП 1992 беа прогласени за најдобра навивачка група, а на Мундијалот во Франција 1998 добија награда за добро однесување.

TARTAN ARMY НА ГРАДСКИ СТАДИОН ВО 2008

Македонија два пати се има паднато во Шкотска во квалификации, повод за да ги видиме два пати во Скопје. Во 2008-ма година дојдоа во бројка преку 2.000 и собраа 2.000 фунти како донација во СОС Детското село, а во 2013-та придонесоа со донација од 5.000 фунти до Центарот за деца „Снежана“ во Шуто Оризари во Скопје, која се грижи за ранливата категорија на деца од улиците.

Нивните донации вклучуваат игралишта, програми за обновување, за сиропиталишта, за медицинска опрема, за инкубатори за бебиња, за разни терапии.

Во Шкотска тие ја поддржуваат националната мрежа на фудбалскиот клуб ТАЦЦ и проектите за храна во пет од најсиромашните населби во Шкотска, ги носат децата на нивниот прв натпревар на репрезентацијата, им помагаат на ранливите при славењето на Божиќ и сл.

Првата донација во Скопје им беше 46-та добротворна акција, па сега вие видете што луѓе се.

Знаете ли што им се допадна во Македонија? Бурек, ракија, пиво, сонце, жени. Би поверувале дека еден од нив ја научи „Македонско девојче“ само за да не импресионира? Стискајте на ентер да го чуете. Нема други како нив.

25 март 2019 - 14:41