Рочдејл е клуб од англиската втора дивизија, хиерархиски четврта лига по ранг. Од познатите играчи тука играле Том Хитон, Рики Ламберт, Глен Мареј и актуелниот голман на Брајтон и репрезентацијата на Шпанија, Роберт Санчез.
Но овој скромен клуб ја донесе најтоплата приказна на сезоната. На трибините на стадионот „Краун Ојл“ кој собира околу 10.000 гледачи се појавил споменик на навивачот Дејвид Клаф. Тој е насмеан и држи официјален програм за натпревар.
Клаф не бил само обичен навивач на Рочдејл, туку го знаеле како легендарниот навивач. Тој бил најактивен на GoldBond - клупската лотарија за навивачите. Активно продавал билети и на клубот му заработил повеќе од 500.000 фунти. Тоа е поголема сума од онаа која што Рочдејл ја потрошил за трансфери во последните 11 години!
78-годишниот Дејвид Клаф починал во летото 2020-та. Тој поголем дел од животот работел во пекара а целиот свој имот му го препишал на Рочдејл. Проценетата вредност на неговиот имот е околу 250.000 фунти. Со тие пари клубот купил нова електронска табла (видео бим) и ја реновирал ВИП ложата на стадионот.
Клаф и жена му воспитувале деца од сиропиталишта. Сега и тој и таа не се меѓу живите а фондот по име „Дејвид Клаф“ на годишнина на неговата смрт купил дресови од Рочдејл и им ги подарил на децата без родители.
Љубовта на Дејвид кон клубот инспирирала други навивачи. Еден од нив е Марк Крајер којшто организирал фонд за собирање средства за споменик за Клаф.
„Не го познавав Клаф лично но мислам дека секој навивач на Рочдејл знае за него и за тоа што он правеше за нашиот клуб. Никакво невреме не го спречуваше да ги дели билетите за лотарија. А да му го оставиш целиот свој имот на клубот и на идните генерации навивачи е просто неверојатно. Јас помислив: како навивачите може да му благодариме?“, изјавил Крајер.
Почнале да собираат средства во јануари 2021 а веќе во февруари праткично ги собрале сите потребни пари за изградба на споменик кој чинел 10.000 фунти.
На 17 септември бронзениот Дејвид Клаф си го зазеде местото на главната централна трибина каде обично седел овој прекрасен човек. Сега од таму, со својот препознатлив качкет и симпатична насмевка ќе може во секое време да го следи својот Рочдејл.