Неапол е во транс, 20.000 навивачи го блокираа аеродромот

Секој што ќе ги погледне сцениве ќе помисли дека синоќа се славела титула во италијанското првенство, а тоа беше само победа против Јуве со која сè уште ништо не е решено. Нема поголеми фанатици за фудбал од Наполитанциве.

Со голот во 90-та минута против Јувентус на гости Кулибали го остави буден цел Неапол каде се славеше цела ноќ. Бранителот на титулата сега има минимална предност од 1 бод пред Наполи, но битката за титулата целосно се вжешти.
 
Наполитанците беа во таков делириум, што прво не го штедеа огнометот, а потоа се собраа во центарот на градот каде лудуваа качени на коли со знамиња и се фрлаа во фонтаните, мислиш Скудетото веќе го имаат в раце.
 
Нивните херои кои го урнаа Јуве слетаа во 2 часот по полноќ, а постоеше можност летот да биде одложен поради безбедност, бидејќи 20.000 навивачи се упатиле накај аеродром за да ги пречекаат играчите.
 
Патиштата биле блокирани по што луѓето излегувале од коли и оделе пешки. На клупскиот автобус му бил потребен еден час за да извози 50 метри и да излезе на автопат.
 
На лудото во Неапол едноставно ноќеска му немаше крај. Ќе го превртат градот наопаку ако слават титула.
 
Лудото низ град

Бањањето во фонтата

Пречекот на фудбалерите на аеродром

23 април 2018 - 09:23