Јувентус важи за клуб со најмногу навивачи на територија на цела Италија, но синоќа тифозите на „Старата дама“ останаа дома. Барем огромен дел од нив.
Околу стотина најзагреани навивачи на Јуве дошле до стадионот на шампионот со цел да ги поздрават играчите кога ќе излезат од Арената, а десетина од нив подоцна продолжиле до плоштадот Сан Карло каде обично се славеа титулите во претходните години.
Клубот апелираше навивачите да останат дома поради глобалната пандемија:
„Бјанконери блиску сме! Спремни ли сте за прослава? Но славете... дома! Да ги почитуваме мерките за да се спречи ширење на Ковид19: да не се собираме на плоштадите, го славиме скудетото на дистанца но обединети. Сметаме на вас!“, стоеше во пораката објавена пар минути по последната судиска свирка.
Треба и да се напомене дека при еден од последните масовни собири на навивачите на Јувентус за финалето на Лига на шампиони 2017-та против Барселона, на плоштадот Сан Карло поради лажна тревога за бомба (во тој период имаше терористички напади по европските градови), настана страшно стампедо во кое полесно или потешко беа повредени повеќе од 1.200 лица.
Ништо чудно и да немаше рестрикции и ограничувања поради Ковид19, да немаше масовни собири, со оглед на тоа што тифозите на Јуве делуваат заситени од 9 титули по ред и приоритет им е оној „ушестиот“ пехар во Лига на шампиони.