На Енфилд не се чека судиската свирка за крај

Навивачите на Ливерпул протестираат поради изгор скапите карти и првпат во историјата организирано ќе ги напуштаат натпреварите пред крајот.

Во САД, каде спортот е заедничка именка за семејствата, да си отидеш пред крајот од мечот е речиси нормално, како да си дошол пред почетокот на мечот. Во Англија, каде фудбалот е традиција стара со векови, невообичаено е кога стадионот се празни пред крајот.
 
Минатиот викенд во Премиер се регистрираа два различни случаи на празнење стадион: Прво на Етихад во Манчестер, а потоа на Енфилд.
 
Што се случило?
 
Навивачите на Ливерпул првпат во историјата на клубот организирано го напуштија мечот пред последниот свиреж на судијата. Договорот значеше и никој да не купува храна и пијалаци во подтрибинските места. 

Од каде произлезе протестот?
 
Клубот ќе ги повиси цените на сезонските и поединечните карти за следната сезона. Околу 13 месеци траеа преговорите меѓу претставниците на клубот и највлијателните навивачки групи Spion Kop 1906 и Spirit Of Shankly.
 
Нивната цел беше да најдат компромис по бројни прашања. Во идеален случај, навивачите барале понуда од 30-40 фунти по влезница за 70% од седиштата на Енфилд, како и избегнување на категоризацијата на мечевите. Цените на сезонските карти според навивачите требале да бидат од 570 до 790 фунти, како и повеќе привилегии за младите навивачи.
 
По разговорите, клубот решил да ги крене цените, а по некои прашања навивачите не добиле ниту одговор за време на дискусијата.

Како се сменија цените?

Клубот издаде официјално соопштение на сајтот, а некои делови посебно им го кренале притисокот на локалните навивачи.

- „64% од влезниците ќе останат по иста цена". Според навивачите тоа привидно звучи како добра вест, иако замрзнувањето на високите цени на влезниците не го решава проблемот. Тоа не го негира фактот дека клубот во текот на целата сезона може да ја подигне цената и на тие 64% од картите, а да ја замрзне цената на преостанатите 36%.

Треба да се напомене дека првпат во историјата на клубот, цените за сезонски влезници за 2016/2017 ќе надминат 1.000 фунти.

- „45% поевтини влезници" - Повторно не е во склад со локалните навивачи, затоа што тоа значи дека останатите 55% ќе плаќаат многу повеќе од порано.

На пример, влезниците кои чинеле 59 фунти денес, следната сезона ќе изнесуваат 77 фунти. Хоспиталити картите, познати како гостопримливи ќе изнесуваат неверојатни 1.029 фунти сезонска и што е тука гостопримливо уште не е јасно.

Со што биле задоволни навивачите?

Со фактот што 1.000 влезници ќе се делат бесплатно по училиштата во Мерсисајд. 20.000 сезонски влезници ќе бидат достапни за младите навивачи од 17-21 година за упола цена.