Хановер пред своја публика загуби 0:2 од Келн и тоа е веќе 11-ти пораз на последните 12 меча за тимот кој е на дното на табелата во германското првенство. Хановер има 19 порази по 26 кола и со заостанување од 10 бода со една нога е втора лига.
По оваа ужасна серија навивачите го загубија трпението и по завршувањето на мечот со Келн побараа од играчите да ги соблечат дресовите кои не ги заслужуваат повеќе да ги носат.
Атмосферата вриеше и на стадионот Фриули во Удине. Рома си замина со планираните 3 бода, потребни за одржување на третото место на табелата, а домашните навивачи збеснаа. Удинезе на последните 12 средби успеа да ја победи само Верона и се наоѓа на 16-то место со 4 бода до зоната за испаѓање.
По последниот свиреж на судијата навивачите и играчите имаа средба под трибина, а ѕвездата на тимот Антонио Ди Натале не успеа никого да смири.
„Не очекував од публиката на Фриули вака да реагира. Ги знам како публика која знаеше да држи лекции по нови нешта во фудбалот. Амбиентот беше секогаш убав. Овие навреди кон фудбалерите за мене се нешто ново“, вели тренерот на Рома Лучано Спалети, кој го водеше Удинезе од 2002-ра до 2005 година.
Проблеми со навивачите имаат и фудбалерите на Сампдорија и тоа уште од летоска. Во третото квалификациско коло за Лига Европа беа декласирани од Војводина со 0:4 на домашен терен, а во одбрана на играчите тогаш застана Валтер Ѕенга кој ја прифати вината за неочекуваниот висок пораз.
Под трибината на навивачите се појави и претседателот на клубот, Масимо Фереро до кој потоа стигнувале писма за да го отпушти Валтер Ѕенга кој и покрај тоа што имаше солидни резултати доби отказ.
На кормилото на Сампдорија седна Винченцо Монтела, но на Сампдорија не и оди сезонава и се наоѓа на 14-та позиција со 6 бода до зоната за испаѓање. Пред десетина дена тимот доби пораки од водачот на навивачите лице во лице.