„Чкембари“ се огласија со соопштение до медиумите, а доставија и видео материјал од споменатиот инцидент во Кочани:
„По завршувањето на вчерашниот натпревар, Брегалница - Пелистер одигран во Кочани, дојде до физички напад на навивачката група Чкембари од страна на полицијата, при што со сериозни повреди се здобија неколку наши членови. Имено по завршувањето на самиот натпревар по влегувањето во автобусот и тргнувањето спрема Битола, по поминати 50-тина метра, нашиот автобус беше нападнат со камења од страна на домашната публика. Веднаш автобусот застана и неколку Чкембари излегоа од автобусот и реагираа кон тие што не нападнаа. Наместо полицијата да не заштити и безбедно да не спроведи кон Битола,тие брутално не нападнаа и употребија несоодветна сила спрема нас, при што како и веќе спомнавме повредени се неколку наши членови.
Денес во медиумите гледаме пласирање на невистини и напади кон нас, осуди за нашето однесување, а никаде осуди за насилничкото однесување од тие кои треба да спречат насилство. На видеото имаме доказ за непотребно употребена прекумерна сила. Нашите членови имаат извадено и лекарски уверенија“, стои во соопштението на битолските навивачи.
Се огласија и од МВР со соопштение за инцидентот:
„На 23.10.2016 година околу 16.40 часот во Кочани, по завршување на фудбалскиот натпревар помеѓу ФК „Брегалница“ и ФК „Пелистер“, кој се одиграл на стадионот „Никола Мантов“ во Кочани, дошло до нарушување на јавниот ред и мир. Имено, автобус со навивачи на ФК „Пелистер“, кој бил на заминување, застанал после поминати околу 100 метри. Од истиот излегле околу 20-30 навивачи на ФК „Пелистер“ кои се упатиле кон паркирани автобус на ФК „Брегалница“ и кон граѓани кои биле присутни на натпреварот. Од страна на полициски службеници од ПС Кочани било интервенирано и спречени биле останатите навивачи да излезат од автобусот, но биле физички нападнати од поголем број на навивачи. При интервенцијата со телесни повреди се здобиле шест полициски службеници и навивачи кои биле пренесени во Клинички центар Кочани за укажување на лекарска помош. За кратко време бил воспоставен Јавниот ред и мир, а навивачите со автобусот биле препратени до Штип. Во врска со настанот биле приведени П.Д. (18), К.Д. (40), Д.З. (23), А.Л. (19) и Б.К. (38), сите од Битола. За настанот бил запознаен Јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, стои во белешкатата на МВР.