Меч од 0:0 обично веднаш се заборава, ама Пол од Англија има да им го раскажува на внуците.
Се работи за навивач на Ливерпул кој синоќа отпатувал во Германија за да го следи дуелот меѓу Ливерпул и Баерн. Неговиот тим вчера беше домаќин, а Пол единствениот нивни навивач кој реши да ги бодри на гости.
Целата работа е што човекот бил убеден дека првата се игра во Минхен за каде со време резервирал карти, ама проблемот е што цврцнат бил.
„За време на празниците испив бајаги и купив карта за Минхен, сигурен дека првата осминафинална средба се игра на гости. Стварно не знаев дека прво они ни гостуваат“, вели Пол.
Колку и да ја утнал, Пол сепак се враќа со фин провод од Германија. Барем така тврди и покрај тоа што го немало мечот на стадион.
„Како и да е убаво си поминав. Бев на еден настан кој во чест на натпреварот го организираше германска телевизија и имав можност за прв пат во мојот живот да јадам германски колбаси и покрај тоа што јас преферирам риба и чипс.“.
Пол прогнозирал дека на првиот меч Ливерпул ќе слави со 3:1, нешто што можеби ќе го погоди на реваншот кој ќе го фати во живо само ако повторно купи карти за Минхен.
Само овој пат подобро да не ги купува на пијано или нека му даде пари на некој другар да ги купи, за да не залута на Енфилд сам како утка.