Во пресрет на реваншот од 1/8 финалето во Лига Европа меѓу Интер и Ајнтрахт, мерките за безбедност во градот на модата се на подигнати на највисоко ниво. Има причина и зошто.
Реваншот се игра на „Сан Сиро“ во четврток од 21, а во градот веќе денес допатувале илјадници германски навивачи кои според проценките ќе бидат 13.500 души во Милано.
Сезонава навивачите на Ајнтрахт на домашен терен прават спектакуларни кореографии во Лига Европа, а на гостувањата одат во голем број. Така беше и во декември лани кога за меч од групната фаза на ЛЕ против Лацио на „Олимпико“ дојдоа околу 9.000 навивачи.
Сега прават нова „инвазија“ на Италија. Интер како домаќин во соработка со полицијата издал забрана за продажба на влезници за жители на реонот Лацио и провинцијата Бергамо, а кои немаат сезонска или членска карта од Интер.
Ова од причина што тифозите на Интер се во добри односи со навивачите на Лацио кои во декември имаа инциденти со приврзаниците на Ајнтрахт, кои пак се пријатели со навивачите на Аталанта по левичарска линија.
Интер ги зголемил и редарските служби, затоа што иако во прв момент дал 5.500 карти за гостите, од Германија стигнале уште речиси 20.000 побарувања за влезници. „Нераѕурите“ овозможиле уште 8.000 дополнителни влезници, така што 13.500 навивачи на Ајнтрахт ќе можат да купат карта за мечот.
Интер соопшти дека гостинските навивачи ќе бидат сместени во „синиот прстен“ од стадионот, односно над јужната трибина на Сан Сиро.
Скај пишува дека во Милано веќе пристигнале 300 до 400 навивачи кои веќе имаат некакво досие во германската полиција. Затоа ништо не се препушта на случајот, па со нив ќе дојдат и скоро илјада полицајци од Германија, како што беше случај во Рим против Лацио.