Горан Адамовски, можеби најголемиот вљубеник во повеќекратниот хрватски шампион од земјава, денес беше пречекан во хотелот каде отседна Динамо Загреб пред реванш мечот со Шкупи (2:2 заврши првиот меч во Загреб).
За Горан најпрво пишуваше официјалната навивачка страна на Динамо Загреб од Македонија, а тој попладнево добил дрес со автограми и посвета од сите фудбалери на екипата меѓу кои и македонските репрезентативци Стефан Ристовски и капитенот на „модрите“, фајтерот Аријан Адеми.
„Дечки, јас не навивам за Динамо. Јас живеам за Динамо. Ако зборувам за фудбал, тогаш зборувам за Барселона или Реал, но ако зборувам за Динамо, тогаш зборувам за начин на живот. Не навиваш за Динамо, живееш за Динамо.
Првиот натпревар кој го гледав на „Максимир“ беше Динамо - Селтик (3-0) во 1998 година. Тогаш уште се градеше северната трибина, имав само 16 години, од Скопје со воз дојдов во Загреб“ , вели Горан и додава:
„Не знам од каде доаѓа оваа љубов бидејќи татко ми не беше фудбалски фанатик, но јас сум навивач за Динамо од мал. Само Динамо и никој друг. Имам три тетоважи посветени на мојот омилен клуб и тие ќе бидат таму до мојата смрт... Вечерва? Поминување во следната рунда, дали некој се сомнева во тоа?“
Натпреварот од 2. квалификациско коло за пласман во Лига на шампиони Шкупи - Динамо Загреб се игра од 21 часот на Арена „Тодор Проевски“ во Скопје. Гостите, според кладилниците се фаворити за пласман во следната рунда.