Во светот на НБА судиите ќе ве внесе 37 годишниот Џон Гобл кој се занимава со оваа професија 10 години. На прва изгледа лесно бидејќи имаш привилегија од близу да гледаш атракции и ефективно да работиш 48 минути, ама не оди тоа така лесно.
Најважно е да се трудиш за да бидеш што подобар во оценките кои ќе те однесат во плејоф каде се вртат најголеми пари. Ако испуштиш дел од сезоната поради повреда или ако не ги задоволуваш критериумите, од средина на април ќе седиш дома без работа.
„Сакаме да бидеме перфектни, но поради брзината со која се развива овој спорт, знаеме дека правиме грешки. На крајот на краиштата сепак сме луѓе“.
„За да ја работиш оваа работа треба да правиш многу жртви. Јас имам жена и две деца 8 и 11 години и во поголем дел од времето во сезоната не сум со нив. Не треба да правиш жртви само ти, туку и твоето семејство“, вели Џон.
За време на кусата пауза на неговиот календар, откако го судел мечот Сан Антонио – Далас, оди на кратко дома во Мајами и по два дена треба да оди во Њујорк за да го суди мечот Њујорк Никс – Јута Џез. Составен дел од работата на еден судија во НБА е постојаното патување со авион.
„Обично судат по 3-4 натпревари неделно. Треба да бидам во градот еден ден пред натпреварот, а доколку судам два меча по ред можам да стигнам истиот ден со првиот лет изутрина. Штом ќе пристигнам почнувам да се подготвувам за мечот и ги анализирам судиските одлуки од минатиот меч. Целта ми е да учам од грешките и на секој меч да бидам колку што е можно подобар. Другата важна работа е физичката подготвеност која ти помага секогаш да бидеш на точната позиција и да го следиш секој можен контакт меѓу судиите, како и да избегнеш повреди“.
Советите ги добива од судиите кои се ветерани.
„На почеток работиш секогаш со поискусни судии кои се обидуваат да ти помогнат со нивното искуство и знаење. Работев со многу постари судии и секој од нив ми дал по некој совет, а јас ги следам како тие реагираат на терен за да сфатам како полесно да ги носам одлуките“.
Друга работа за справување се критиките од публиката.
„Свирежите никогаш не ги сфаќам лично, бидејќи знам дека никој не ме познава во местото каде што судам. Гледачите се концентрираат на униформата која ја носам и не ме гледаат како личност. Кога ќе почнеш да судиш сфаќаш дека те свират затоа што си во натпреварувачки амбиент и сакаат нивниот тим да победи. 99% од случаите немаа врска со тебе. Важен испит за положување е меч во Медисон Сквер Гарден каде 20.000 луѓе те криват тебе уште на првата сомнителна ситуација“.
Годишна заработувачка на судија во НБА лига изнесува од 150.000 до 550.000 долари во зависност од искуството.
На плејоф натпреварите хонораните се повисоки.
Да не сакате споредба со Македонија? 4.000 денари за натпревар во прва лига.