За бизнисот со џорданки и заработката на Најк и Мајкл 1984 vs 2022

Тоа што легендата е во пензија едно 20 години, не менува ама баш ништо во касата на Најк, што значи по дифолт има многу пари и за Џордан. Односно сè повеќе и кај двете страни.

Последниот шампионски прстен го освои во 1998, а со играње кошарка се збогува во 2003-та. Ништо од овие факти не менува во бизнис стратегијата Најк - Џордан, која опстојува скоро 40 години.

И тоа доста јако, односно најпрофитабилно од било кога.

Потенцијалот на Џордан, Најк го забележа во 1984-та година, истата деценија во која почна компанијата со работа.

Во него видоа генерациски талент, кој еден ден ќе стане најдобар кошаркар во светот, но сигурно немале појма за неговото влијание после повлекувањето.

Пред 38 години, кога Најк и Џордан го потпишале првиот договор, се надевале дека како компанија ќе заработат 3 милиони долари за 4 години. 

Денес во каса им влегуваат по 3 милиони долари на секои 5 часа. Најк му плаќа на Џордан по 410.000 долари дневно и тој во 2021-ва според Форбс заработил неверојатни 150 милиони долари.

Најк генерира вкупно 15 милиони долари дневно од продажбата на брендот Џордан, а кај него завршува 5% од секој продаден производ.

Кога беше активен кошаркар, беше во мода да се носат легендарните џорданки од кои има еден куп модели, а во денешно време тие се купуваат како скапоцено ретро патики.

Она што култниот бренд го генерира на дневна основа е бледо во споредба со она што оди во препродажба, а во многу случаи таа цена е повисока од 400 до 500%, повеќе од малопродажната цена.

Тоа се должи на комбинација на фактори кои вклучуваат ексклузивност на моделот, побарувачка и влијание на тој што ги носел.

Џорданките едноставно станаа феномен, па дури Мајкл Џордан на тој начин влијае и во зголемувањето на работните места на милиони луѓе во светот кои решиле да се вклучат во бизнисот со неговите патики и спортска облека.

Пред две години Форбс објави дека Мајкл Џордан од Најк има заработено над 1 милијарда долари.

17 август 2022 - 14:09