Вејд во ритам против Леброн, 23 победа на гости за Антиќ

Двејн Вејд со 32 поени сам го победи Кливленд на Леброн Џејмс. Кајл Лаури запиша трипл-дабл, Атланта славеше во Сакраменто и стекна предност на домашен терен во Плејофот.

Кошаркарите на Атланта Хокс стигнаа до 23. победа на гостински терен сезонава, против Сакраменто Кингс 110:103. Откако се одмораше на претходната средба против Минесота, Пол Милсап синоќа против Кингси имаше 19 поени и 10 скокови, а голема поддршка имаше и од Џеф Тиг кој запиша 23 поени и 6 успешни додавања. За 17 минути на паркетот, Перо Антиќ уфрли пет поени, а имаше и по една украдена топка и блокада.
 

Сакраменто залудно го имаше одличниот Демаркус Казинс кој даде 20 поени со 13 скокови и Џејсон Томпсон со 18 погодоци. Тоа беше седми пораз за Сакраменто на последните осум натпревари. Атланта Хокс веќе во среда наутро го игра дербито со Голден Стејт Вориорс на гости.
 
23. триумф на Атланта на гостински паркет сезонава:
 
Мајами го победи Кливленд 106:92, а најзаслужен за триумфот беше Двејн Вејд кој дури 21 од 32 поени постигна во првото полувреме. Мајами тогаш ја стекна највисоката предност, а одлична вечер против Кавалирс имаше и Словенецот Горан Драгиќ со 20 поени и 9 асистенции. Вајтсајд и Чалмерс додадоа по 16. На својот поранешен клуб, Леброн Џејмс му уфрли 26 поени, но освен од Кајри Ирвинг (21п и 6ас.) немаше поддршка од никој друг.
 

Најдобрата партија на Двејн Вејд против Кливленд:

Тренерот на Голден Стејт, Стив Кер како да ја игра десеттата сезона како тренер, а не дебитантската. Неговите Вориорси синоќа стигнаа до 53. победа во сезоната, против ЛА Лејкерс 108:105. Репрезентативецот на САД, Клеј Томспон на Лејкерс синоќа му уфрли 26 поени, седум повеќе од Стефон Кари, кој притоа имаше 9 асистенции. Кај „Езерџиите", Елингтон и Кларксон постигнаа по 17 поени, а Џонсон еден помалку.

НБА РЕЗУЛТАТИ:

Индијана – Торонто 98-117
Вашингтон – Портланд 105-97
Бостон – Филаделфија 108-89
Мемфис – Денвер 92-81
Мајами – Кливленд 106-92
Минесота – Бруклин 106-122
Далас – Оклахома 119-115
Јута – Шарлот 94-66
Сакраменто – Атланта 103-110
Голден стејт – ЛА Анџелес 108-105