Олимпија му се реваншираше на МЗТ

Во ноември минатата година МЗТ ја победи екипата на Унион Олимпија во Љубљана, но во 20-то коло нашиот кошаркарски шампион со голем пад во играта во вториот дел, пропушти шанса повторно да го изненади истиот противник и го забележа десетиот пораз во АБА лигата.

Гостите од Љубљана подобро го започнаа натпреварот и беа постојано во предност во првата четвртина (најмногу со 6 разлика), а по првите 10 минути резултатот гласеше 19:21.

Со доминација под кошевите, добра одбраната и одлична партија од Кире Николовски, екипата на МЗТ во вториот период не само што направи пресврт, туку успеа да дојде и до двоцифрена предност (37:27), а на полувремето заминаа со +6 (42:36).

На паузата гостите ги консолидираа своите редови и на почетокот на вториот дел се вратија во игра. По 4 минути игра со серија од 7:0, Словенците израмнија на 48:48, а потоа и поведоа со 50:51. Во оваа четвртина извонредно одигра искусниот Гечевски кој само во овој период постигна 12 поени и го врати МЗТ во водство од +8 (60:52).

Но потоа следеше огромен пад во играта на МЗТ. Гостите повторно направија голема серија и во последната четвртина влегоа со водство од 62:64. Во овој период кошаркарите на Унион Олимпија постојано ја одржуваа предноста и на крајот триумфираа со 76:87.

Најефикасен кошаркар во редовите на МЗТ Скопје беше Гечевски со 26 поени, а Николовски постигна 17. Во противничкиот табор се истакна Бубниќ со 20 поени.

Во следното коло на 17 февруари, МЗТ Скопје ќе и гостува на екипата на Цедевита.

2 февруари 2013 - 23:00