Неколку часа откако дознал дека татко му е убиен со два куршуми во главата на другата страна од светот, Стив Кер седел на креветот во интернатот на Аризона Универзитетот и примал сочувство.
Лут Олсон, првиот тренер на Стив Кер во Колеџот ја донел целата екипа во собата на 18-годишниот Кер за кого велат дека немал што многу да каже.
Целиот настан се одвивал сред ноќ. Соиграчите на Кер биле збунети, а самото 18-годишно момче се помирувало со загубата на татко му далеку од своето семејство: Едниот брат бил во Каиро, другиот во Либан со мајка му, а сестра му во Тајван.
Малком Кер, таткото на Стив бил посветен академик кој 18 месеци ја работел работата што најмногу ја сака, како претседател на Американскиот Универзитет во Бејрут. Градел мост на помирување меѓу Христијаните, Муслиманите и Евреите и тоа во периодот кога за многу Американци сето тоа било апстрактно.
По повод смртта на Малком Кер, се огласил и претседателот Роналд Реган, кој преку соопштение им се закани на терористите дека нема да може да ги контролираат нивните животи и иднина.
Убиството на Малком Кер на 18. јануари 1984 година станало државна вест број еден, но малку кој можел да ја сфати таа верско-фанатична борба на Блискиот Исток. Особено не една млада универзитетска екипа. Одговорност за убиството на Малком Кер превзела милитантната организација Хезболах која делува на блискиот Исток.
Во меѓувреме, Стив Кер продолжил да тренира и настапил против Аризона Стејт во натпревар на кој постигнал 5 тројки од 7 обиди.
„Го завикавме Мразот, затоа што беше студен на и надвор од теренот. Секогаш знаеше да направи разлика меѓу емоцијата и она реалното“, изјави Брус Фрејзер еден од најдобрите пријатели на Стив Кер уште од Колеџ деновите.
15-годишната НБА кариера, неговите пет прстени, асистенција до Мајкл Џордан при решавачкиот шут во Гејм 6 од финалињата во 1997. година и процентот од 45,4% успешност за три поени (уште највисок во историјата на НБА), се работи за кои никој не помислувал дека може да му се случат на Стив Кер.
Ако не верувале дека Кер може да успее на играчки план, тогаш многу негови другари биле уверени дека Стив еден ден ќе стане тренер, затоа што тоа го сакал најмногу уште додека бил играч.
„Знаев дека ќе почека неговите деца да пораснат, за да може целосно да се посвети на тренерската професија. Работеше 2 години како стручен коментатор на телевизија, но тоа не е тоа. Стив сакаше да биде што поблизу до играчите, до теренот“, вели Фрејзер, кој во моментов е помошник на Кер во Голден Стејт.
Во дебитантската сезона како тренер, Стив Кер стана најуспешниот стратег годинава во НБА. Неговиот Голден Стејт беше апсолутен лидер во регуларниот дел, а веќе во четврток вечер го игра големото финале против Кливленд Кавалирс.
И само затоа што Стив Кер изгради семеен однос со неговите играчи, констатираат поранешните соиграчи на легендарниот тројкаш на Чикаго Булс.