Турчинот Кантер од НБА го критикуваше Си Џинпинг, Кина забрани пренос на Бостон Селтикс

НБА лигата како одново да влегува во конфликт со Кина. Секој чекор на една од двете страни се следи со огромно внимание и со соодветни критики. Сега причина за нови искри е излетот на Енес Кантер на Твитер кој сними 2 видеа со пораки до претседателот на Кина.

Кога во есента 2019-та година генералниот менаџер на Хјустон Рокетс Дерил Мори јавно ги поддржал борците за независност на Хонг Конг од Кина, го обвинија за кратковидост и мешање во внатрешни работи на друга држава.

Народна Република Кина веднаш удри санкции и тоа не само на Хјустон Рокетс туку на цела НБА. Беа прекинати и одложени неколку веќе договорени ревијални средби на НБА франшизи ширум Кина, а се забранија и преноси од оваа лига.

Но во исто време Кина беше и остана најголем партнер на НБА надвор од Северна Америка. По разни оцени, проблемот што го направил менаџерот на Хјустон Рокетс кога Кинезите забранија настап и преноси на средбите на НБА тимовите, ја чинело лигата од 200 до 400 милиони загубени долари во сезоната 2019/2020.

Тогаш НБА се обиде ја смири топката и да ја олади целата ситуација. Дерил Мори доби отказ од Хјустон но набрзо доби висока позиција во Филаделфија, а НБА се врати на телевизорите во Кина.

ПРОБЛЕМ ОТВОРИ ЕНЕС КАНТЕР ОД БОСТОН СЕЛТИКС

После две години одново се распали жарот на релација НБА - Кина. Енес Кантер, центарот на Бостон Селтикс кој е протеран од Турција и турските власти го бараат по потерница по обвинение дека учествувал во организација на воениот удар во земјата пред неколку години, сега е закача со Кина.

Кантер објавил видео, облечен во маица со ликот на Далај лама, во кое ја критикува власта во Кина и лично претседателот Си Џинпинг, актуелен генерален секретар на ЦК на КПК и претседател на КНР.

Турчинот зборувал за агресивната експанзија на Кина во Тибет и против политиките на Комунистичката партија во Тибетскиот автономен реон.

Високиот центар на Селтикс на претходните натпревари на Бостон носел патики со различна конотација. На еден пар пишувало: Слобода за Тибет, на други Слобода за Ујгур а на трет пар Слобода за Кина.

Овие патики му ги дизајнирал извесен карикатурист под псевдоним Бадиукао кој е Кинез роден во Шангај но е политички дисидент во Австралија. Овој карикатурист имал закажан настап на некој настан во Хонг Конг во 2018-та но му го одлиќиле.

 

„Мое обраќање до властите во Кина.

Ослободете го Тибет. Тибет им припаѓа на Тибетанците. Јас сум тука за да раскажам што се случува на Тибет.

Жестокото владеење на кинеската влада значи дека основните права и слободи на луѓето во Тибет не постојат. На жителите не им е дозволено отворено да ја изучуваат својот сопствен јазик и култура, немаат право на слободно движење, немаат слободен пристап до потребни информации. На народот на Тибет не му е дозволено дури ни отворено да ја практикува својата вера.

Повеќе од 70 години тибетанските монаси и монахињи, интелектуалци, писатели, публицисти, општествени работници, активисти и многу други се приведувани и пратени на курс за политичко превоспитување, подвргнати на испрашувања и казни просто само за тоа што се осмелиле да бараат право на слобода, работа која вие и јас ја земаме здраво за готово.

За последните 25 години во Тибет се затворани пет илјади политички затвореници. Пет илјади! Знаете ли вие дека за чување обична фотографија од Далај лама може да ве апсат на Тибет? Може да ве уапсат дури и за веење на националното знаме на Тибет.

Срамота за владата на Кина. Кинеската диктатура ги уништува идентитетот и културата на Тибет. Културниот геноцид е толку разорен што повеќе од 150 Тибетанци решиле да се самозапалт во живот со надеж дека тој ужасен чин на самопожртвување ќе привлече внимание и ќе ја прошири свеста за насилството кое се врши.

Не можев да молчам откако дознав за се ова. Зборувам со своите браќа и сестри од Тибет и го поддржувам нивниот повик за слобода.

Кинеската комунистичка идеологија постои околу 100 години, а будистичката цивилизација, идеологија и филозофија постојат илјадници години! Само народот на Тибет треба да си одлучи сам за неговата иднина. Несомнено. Тибет му припаѓа на народот на Тибет.

Се надевам и верувам дека Тибет ќе стекне независност.

Кински суров диктатору Си Џингпинг, имам порака за тебе и твоите следбеници. Ќе зборувам одново и одново, погласно и појасно. Се надевам дека ме слушаш.

Слобода за Тибет.
Слобода за Тибет.
Слобода за Тибет“, вели Кантер во видеото кое го објави на својот Твитер профил.

Енес Кантер одамна води активна политичка делантност. Кошаркарот на Бостон Селтикс, висок 208 сантиметри игра центар но неговата форма особено во дефанзивните задачи е значително опадната, па така и неговата плата драстично се смалила.

За пример: во 2020/2021 земал годишна плата од 2.7 милиони евра, за разлика од сезоната 2018/2019 кога заработил 18,7 милиони долари годишно.

Енес Кантер е активен на социјалните мрежи. Пред неколку години тој влезе во сериозен конфликт со турските власти (играша на времето за репрезентацијата на Турција иако е роден во Швајцарија).

Тој го критикуваше турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и го подржувал турскиот политички активист Фетулах Ѓилен за што во Турција бил обвинет за екстремизам, му било одземено државјанството и пасошот а неколку негови роднини биле приведувани.

29-годишниот Кнатер само неколку дена по првото видео, објавил второ, посветено на зголемената репресија на државниот апарад на НР Кина во однос на муслиманското малцинство - Ујгури (проценка се дека има околу 1,8 милиони) кои живеат во автономниот реон Синѓанг-Ујгур во Народна Република Кина. Според организациите за заштита на човековите права, дејствијата на Кина во однос на тамошните муслимани претставуваат политичка репресија.

Во второто видео снимено со порака до кинескиот претседател, центарот на Бостон Енес Кантер ги повикува и повеќето лидери на муслимански земји да го прекинат молкот на темата кога негови муслимански браќа и сестри се убивани и силувани.

„Им се обраќам вам, премиеру на Пакистан Имран Хан, кралу на Саудијска Арабија, бин Салман, Мохамед ибн Заид од Обединети Арапски Емирати, претседателе на Иран Ибрахим Раиси. Тоа што приоритет ви се парите и бизнисите во Кина а не заштита на човековите права е срам! Вие се нарекувате муслимани но тоа е лага. Вам ви е сеедно за луѓето.

Истово се однесува и до спортистите-муслимани. Зошто продолжувате да молчите? Мохамед Салах, Карим Абдул-Џабар, Амир Хан, кажете нешто, направете нешто. Вашето молчење и вашето неделување ве прават соучесници на тоа што се случува“, меѓудругото вели Кантер.

РЕАКЦИЈА ОД КИНА

Очекувано, следуваше брз, експресен одговор од Кина.

„Енес Кантер се бори за слава со обидот да привлече внимание со помош на прашања поврзани со Тибет. Неговите погрешни примедби не заслужуваат ни демант“, рекол официјалниот претставник од кинеското МНР, Ван Венбин.

И додека тие погрешни примедби не заслужуваа ниту демант, преносите на Бостон Селтикс се тргнати од телевизиите во Народна Република Кина.

А тоа многу и не го тангира Кантер кој на терен досега сезонава помина 5 минути на првите два меча, а навивачите се помирени дека младиот центар Роберт Вилијамс има предност во однос на Турчинот.

„Енес се интересира за многу работи и слободно може да зборува што сака. Тоа е пошироко од моите ингеренции“, рекол тренерот на Селтикс Име Удока кој е нигериски Американец.

26 октомври 2021 - 10:45