Трет пораз во серија за МЗТ

Кошаркарите на МЗТ Скопје го забележаа и третиот пораз во низа во регионалната АБА лига. Овој пат тие загубија на гостувањето кај поранешниот трикратен европски првак Сплит со 73:65.

Со голема борбеност на стартот од натпреварот, кошаркарите на МЗТ поведоа со 5:14 по шест минути игра, но од тој момент домаќините ги консолидираа своите редови и до крајот на првата четвртина тие водеа со 18:17.

Во продолжението од натпреварот кошаркарите на Сплит рутински ја одржуваа предноста, а на стартот од последната четвртина тие поведоа и со 60:46.

МЗТ имаше шанса да се врати во игра кога при резултат 60:50, по една техничка за домаќините, добија четири слободни и напад, но Чековски погоди само едно, а Гечевски ги промаши двете слободни фрлања.

На 48 секунди до крајот Мијајловиќ со тројка намали на 69:65, а при тоа кошаркарите на МЗТ имаа и напад, но не успеаја да го искористат и домаќините на крајот славеа со 73:65.

Најдобар поединец на натпреварот беше домашниот кошаркар Иван Мимица со 22 поени, а најефикасен кај МЗТ беше Кејд Дејвис со 16 поени.

Во следното коло МЗТ ја пречекува екипата на Црвена Звезда.

20 октомври 2012 - 22:41