Во обид да фатат приклучок помеѓу шесте места кое обезбедуваат пласман во Еврокупот кошаркарите на МЗТ многу фокусирано го стартуваа мечот во салата „Дражен Петровиќ“.
По негативата од 4:0, Дамјан Стојановски со 5 поени во низа се погрижи за пресврт по кој нашите кошаркарите го контролираа мечот и постојано беа во водство се до крајот на првото полувреме, со исклучок на двете израмнувања на домаќините.
Мечот беше целосно неизвесен во текот на сите четири периоди. Избраниците на Зоран Мартич имаа најголемо водство од +7 на крајот на првите 10 минути, а водството го загубија во последните секунди од првиот дел кога Цибона поведе со 41:39.
Тесно и неизвесно беше и во третиот период во кој нашите кошаркари беа постојано во негатива која не изнесуваше повеќе од 4 поени разлика. Третата четвртина заврши 59:58 за домашниот тим.
Сличен тек мечот имаше и во последната четвртина во која хрватските кошаркари ја одржуваа минималната предност. Најголемата возбуда почна на 3 минути до крајот кога со тројката на Чековски тимот од Аеродром конечно стигна до водство во второто полувреме.
Домаќините уште на два пати се враќаа во водство, а големата неизвесност во финишот ја направи Цветковиќ кој со уште два пресврти го одржуваше МЗТ Скопје во живот. Најпрвин со трите реализирани слободни фрлања, а потоа со тројка на триесетина секунди до крајот.
Тимот од Аеродром ја испушти победата во последниот напад од 10 секунди откако судиите досудија сомнителен прекршок во напад кој го направи Чековски по што натпреварот се решаваше во продолженија во кои домаќините славеа со 93:90.