„Ќе му ја дадеме топката на Вилт и ќе видиме колку може да постигне“. Ова се зборовите на плејмејкерот на Филаделфија Вориорс, Гај Роџерс кој ги изговорил на полувреме на дуелот против Њујорк Никс на 2 март 1962 година.
Роџерс не бил изненаден што Чемберлен на полувреме имал 41 поен, бидејќи тој го имал чувството за рекорди. Во претходните три недели три пати постигнал по 60 поени. На 8 декември 1961-ва го срушил рекордот на Елгин Бејлор од 71 поен откако на Лејкерски им дал 78 кошеви на меч кој се решавал во продолженија.
Чик Херн, кој бил познат официјален коментатор на Лејкерски го прашал Бејлор дали му пречи тоа што некој успеал да го сруши рекордот, а тој одговорил:
„Не, бидејќи тоа момче еден ден ќе постигне 100 поени“.
Тренерот Френк Мекгваер речиси никогаш не го вадел од игра, а Чемберлен за време на големата минутажа имал просек од 50,4 поени по натпревар. Најголемата пауза му била онаа кога го исклучиле од игра по само 8 минути и 33 секунди игра.
Кога се зборува за рекордот на Чемберлен, реалноста и легендата се спојуваат, бидејќи во прилог на официјалниот семафор (169:147 за Филаделфија) оди и радио прилогот кој се појавил години потоа и спомените од 4.124 присутни гледачи во Херши арената. Видео од тој историски ден не постојат, туку само фотографии.
НБА лигата била толку далеку од медиумите што Вориорс поместиле некои натпревари во друга сала во обид да привлечат повеќе публика, како и новинари од Њујорк. Деталите и приказните за тие 100 историски поени се откривале со текот на времето, а се појавувале и други приказни како на пример тоа дека Чемберлент претходната ноќ се начукал.
Вистината била дека пијан бил Фил Џордон, центар од Њујорк за кој лажеле дека отсуствува поради грип. Со Вилт се чувал Дарал Имоф кој откако добил три лични грешки за 10 минути му рекол на судијата:
„Зошто не му дозволиме на Вилт да даде 100 поени и да си одиме дома“?
Вилт во прва четвртина постигнал 23 поени, на полувреме стигнал до 41, а во трета четвртина стигнал до 69. Тренерот на Њујорк, Еди Донован го нарекол мечот “фарса“ откако играчите на двете екипи во последна четвртина нон стоп правеле фаули. Никси за да не дозволат топката да оди кај Чемберлен, а Вориорси за да ја имаат повеќе топката и да му ја даваат на Вилт и во случаи кога се сами.
За да стигне до 100 поени, Чембрлен го завршил мечот со 36/63 од поле и 28/32 од линијата за слободни фрлања. Со последниот кош на 46 секунди до крај предизвикал упад на 200 души на терен.
На 10 секунди до крајот не ја допрел топката за да не ја уништи 100-та. По две ноќи, Имоф повторно го чувал Чемберлен цел натпревар и му бил опсесија. Теренот го напуштил на 2 минути до крајот поради лични грешки, а Вилт Чемберлен тогаш имал 54 поени.
Исечоци од весници и снимка од радио преносот