Веднаш после поразот од Грција, македонските кошаркари се вртат кон следниот противник, репрезентацијата на Холандија, која денес неочекувано славеше против Грузија.
„Сакам да им честитам на Грците за заслужената победа. Игравме добро три четвртини, имавме проблеми со скокот и нивниот пик-ен-рол, морам да кажам дека имавме доста добри моменти кога два три пати се враќавме од двоцифрена предност. Последниот период беше формалност, во која во средина почнав да ги одмарам главните играчи затоа што утре во 3 часот не чека тежок натпревар", изјави Србиновски на пресот после мечот.
Имаа нашите кошаркари добри моменти, покажаа дека заслужено се меѓу европскиот крем, но Грција на крајот се испостави како преголем залак.
„Морам да соопштам, Илиевски играше со температура денес, а Хендрикс имаше проблеми со ногата и моравме да интервенираме во вториот дел. Задоволен сум од залагањето на моите играчи, мора да го заборавиме овој натпревар, како што излегуваме од салата да се подготвуваме за утрешен меч", додаде Марче Србиновски.
Мечот против Холандија, македонските кошаркари го играат утре со почеток во 15:00 во истата сала.
„Холандија заслужено е на ова ЕП, играат доста брза кошарка преку бековите, имаат добар скок, главната одлика им е офанзивниот скок и очекувам да биде тежок натпревар. Мора да се подготовиме психички за голема битка, затоа што знам дека утре нѐ чека тежок меч. Ако против Холандија одиграме 30 минути како против Грција, може да се надеваме на позитивен резултат. А, ако пристапиме на друг начин - тогаш ќе биде доста тешко", заклучи селекторот.
Следува неколку часовен одмор и рехабилитација од првиот меч, пред утрешната клучна борба против Холандија.