Шпанија првак на Европа, Гасол држеше предавање

Кошаркарите на Шпанија ја декласираа Литванија во финалето на Евробаскетот 2015 и по трет пат се качија на кровот на Европа. Пау Гасол МВП на првенството.

35-годишниот Пау Гасол беше најзаслужен за новото злато на Црвената фурија која експресно се врати на европскиот трон, откако вечерва во финалето ја совлада Литванија 80:63  (19:8, 22:25, 19:10, 20:20).
 
Кошаркарот на Чикаго Булс со 25 поени, 12 скокови, 4 асистенции и три блокади потврди дека во моментов е убедливо најдобриот европски кошаркар. Гасол воедно ја доби и МВП наградата за најдобар играч на Евробаскетот 2015. Шпанија ја доби првата четвртина со резултат 19:8, со тоа што предноста од 11 поени ја стекна уште во 6. минута од мечот кога беше 15:4. Во првите 10 минути, Гасол постигна осум поени. 

Шпанците го водеа ритамот преку неколкуте коша по ред на Серхио Љуљ, а со пет поени во првиот квартал се истакна и Руди Фернандез кој во текот на мечот тешко се повреди при еден дуел  со Паулиус Јанкунас. Шпанците слично како првата ја одиграа и втората четвртина и во 17. минута водеа 34:18 по што победникот веќе се најавуваше.
 
Тешката повреда на Руди Фернандез:
 
 
Литванците до крајот на полувремето шутираа за три 0/7, но Калниетис и Сеибутис погодија три тројки во две минути и Литванија се приближи на 37:29. Ништо значително не се смени ниту во третата четвртина, во која Литванците последен пат фатија приклучок во 24. минута по забивањето на Кавалиаускас за 45:35.
 
До крајот Шпанија за две минути направи серија од 7:0 и поведе со убедливи 17 поени разлика - 52:35. Литванците во тој момент се предадоа а Гасол со тројка во финишот потврди дека Шпанија во моментов нема конкуренција на европско тло.
 
Во мечот за третото место, Франција ја победи Србија 81:68. Нандо Де Коло беше најефикасен кај Французите со 20 поени, а по 15 додадоа Фурние и Гобер кој имаше и 14 скокови. Тони Паркер забележа 13 поени. Во редовите на Србија, Богдан Богдановиќ постигна 14 поени, а двоцифрен беше уште и Мирослав Радуљица со 11 поени и 8 скокови.

Серхио Родригез, Нандо де Коло, Јонас Мачиулис, Јонас Валанчунас и Пау Гасол се кошаркарите кои ја сочинуваат идеалната петорка на Евробаскетот 2015.

Хајлајтс од триумфот на Шпанија: